Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

 

Преподобна Ефросинија

Ќерка на Пафнутиј, богат и прочуен човек од Александрија. Од бездетни родители, коишто со молитва ја беа испросиле од Бога. Како благочестиви луѓе, тие ја воспитаа во верата Христова. Не сакајќи да стапи во брак младата Ефросинија, за да се скрие од татко ? , се преоблече во машка облека и се пријави пред игуменот на еден машки манастир како евнух на царот Теодосиј, под името Измарагд. Игуменот го прими и му го предаде под раководство на духовникот Агипит. Со својот подвиг на пост и молитва Измарагд брзо ги надмина сите монаси во тој манастир. Кога наврши триесет и осум години во тешкиот подвиг, тој манастир го посети Пафнутиј и игуменот го упати кај Измарагд заради молитва и утеха. Измарагд го препозна Пафнутиј, но Пафнутиј не го позна Измарагд. Кога таткото ја исповеда својата тага по изгубената ќерка, Измарагд му рече да не губи надеж, бидејќи уште во овој живот ќе ја види неговата ќерка, а го замоли повторно да дојде кај него по три дена. Кога Пафнутиј дојде повторно, Измарагд лежеше на смртна постела. Тогаш му рече на Пафнутиј: „Јас сум Ефросинија, твојата ќерка, ти си ми татко!“ Таткото долго не можеше да си дојде на себе од страшното изненадување. Тогаш издивна блажената Ефросинија и татко ? ја оплакуваше над одарот. Откако ја погреба и самиот стапи во оној манастир и се всели во келијата на неговата упокоена и света ќерка. По десет години подвиг, се упокои во Господ и Свети Пафнутиј.

Тропар
Господи, Господи, сило незнаена, го создаде, го возљуби човека и го постави во љубовта Твоја, затоа дете кон Тебе прибегна – света Ефросинија, при чии нозе денес припаѓаме. Убавината на душата твоја о, преподобна, ги освои нашите срца, подвигот твој за Христа да се оневестиш, даде смелост на усните наши –да те восфалиме и молиме лишени да не бидеме од милоста на Твојот Жених во вечни векови.

Преподобен Сергеј Радоњежски

Голем подвижник и светлиник на Црквата во Русија. Се роди во 1313 година во Ростов, од побожните родители Кирил и Марија. По смртта на родителите Вартоломеј – така му беше името од Крштението – се замонаши и ја основа обителта на Света Троица во Радоњежските шуми. Овој тивок и кроток слуга Господов знаеше само за труд и молитва. Заради чистотата на неговото срце се удостои со дар на чудотворство, па со името Христово воскреснуваше мртви. Повеќепати му се јави Пресвета Богородица. Кај него доаѓаа кнезови и владици за совет. Тој го благослови кнезот Дмитриј Донски и му ја претскажа победата во војната за ослободување на Русија од Татарите. Гледаше во човечките срца и во настани на далечина. Неговата обител се наполни со монаси уште за време на неговиот живот и со векови и векови служеше како едно од најглавните притекнувалишта на духовниот живот и за сведоштво на Божјите чуда. Свети Сергеј се упокои во 1391 година. По смртта повеќепати им се јави на различни лица.

Тропар
Добродетелен подвижниче, воин вистински на Христа Бога, подвижниче кој во животот привремен над страстите се воздигна, пример стана во пеењето, постот и бдението на твоите ученици. Затоа се всели во тебе Духот Свети, Кој светло те украси. Но бидејќи имаш смелост пред Пресвета Троица, спомни си за стадото што си го собрал и не заборавај по ветувањето да ги спасиш чедата твои, Сергие оче наш преподобен.

Преподобна Ефросинија Суздајска

Крстеното име ? е Теодула. Таа е ќерка на Михаил Всеволодович и му беше вереничка на Суздајскиот кнез Мина. Никако не сакаше да се мажи и Го молеше Бога да ја зачува како девојка до смртта. Кога како невеста ја поведоа во Суздај, ненадејно умре кнезот Мина, нејзиниот вереник. Таа не се врати кај родителите, но стапи во манастир, каде што се подвизуваше до смртта. Бог ? даде дар на чудотворство. Се упокои во 1250 година.

Тропар
Мајко преподобна, срце од Христа Бога смирено, со благодат преисполнето, од каде молитва и величание кон небеса се устројува. О, Ефросинијо, достојна невесто Господова, моли се за челадта која по Бога жеднее како кошута за воден извор, и тебе чест денес ти подава во слава Негова.

07.10.2024 - 22:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега