Србија со протестна нота до БиХ поради Вулин

Министерството за надворешни работи на Република Србија денеска испрати нота до Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина, во која го изразува своето незадоволство поради спречувањето на вицепремиерот на Владата на Србија, Александар Вулин, да присуствува на отворањето на изложба во Пребиловци, во БиХ, посветена на страдањата на српскиот народ во Втората светска војна, јави дописникот на МИА од Белград.

-На изложбата „Пребиловци 1941“ на покана на организаторите требаше да биде и потпретседателот на Владата на Србија, Александар Вулин, но властите на Босна и Херцеговина не ја издадоа потребната дозвола за слетување на авионот со делегацијата на Република Србија во Мостар, иако навреме биле информирани за нејзиното пристигнување, се наведува во соопштението на МНР на Србија.

Во него се додава дека Министерството за надворешни работи на Република Србија е разочарано од одлуката на властите на Босна и Херцеговина да не дозволат учество на срспката делегација на комеморативен собир, бидејќи таквата одлука не е во духот на добрососедските и цивилизациски достигнувања.

-Ги повикуваме властите во Сараево да престанат да ги користат односите во регионот и меѓуетничките односи во самата Босна и Херцеговина како платформа за штетни дневно-политички активности, со што ја оддалечуваат сопствената земја од курсот на напредок и европската интеграција, наведоа од српското МНР.

Денешната одлука на властите на Босна и Херцеговина несомнено претставува кршење на добрососедската дипломатска практика и придонесува за создавање атмосфера на нетрпеливост кон Република Србија и кон српскиот народ во целина.

Во гостувањето на TВ Пинк во врска со забраната на властите на Босна и Херцеговина да присуствуваат на отворањето на изложбата „Пребиловци 1941“ на тоа место, Вулин објасни дека властите на БиХ не му забраниле, но мудро молчеле до половина час, еден час пред летот, „а потоа рекоа дека во министерството извесен Един Форте го нема и кој да ја потпише дозволата за прелет бидејќи сите се на море, сите се на годишен одмор“.

05.08.2024 - 21:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега