Средба Џафери - Ќучук: Стратешка цел на Северна Македонија останува членството во ЕУ

 

Премиерот Талат Џафери денеска оствари средба со европратеникот Илхан Ќучук, известител во Европскиот парламент за Република Северна Македонија.

Изразувајќи благодарност за досегашната блиска и активна соработка со европратеникот Ќучук во изминатите четири години, премиерот Џафери го нагласи задоволството од поддршката на Ќучук во промоцијата на европското досие на Северна Македонија во Европскиот парламент и неговиот личен придонес во носењето важни одлуки за земјата. Последен успешен пример во таа насока беше процесот на „Дијалогот Жан Моне“, во рамки на кој се одвиваа разговорите за новиот Деловник на Собранието, кој беше усвоен со консензус од пратениците, известуваат од Владата.

На средбата беа разменети мислења за напредокот на државата во контекст на интеграцијата во Европската Унија, како и внатрешно-политичката состојба пред претстојните парламентарни и претседателски избори. Претседателот на Владата, Џафери, истакна дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на Република Северна Македонија и цврста заложба на Владата останува исполнувањето на обврските кои се дел од преговарачката рамка со ЕУ.

Премиерот Џафери и европратеникот Ќучук разменија ставови за постигнатите реформи во државата како и за динамиката на односите на земјите од Западен Балкан со Европската Унија. Двајцата соговорници се согласија дека продолжувањето на процесот на проширување е во интерес на Европската Унија, а на тој начин државите од Западен Балкан ќе бидат фокусирани на засилувањето во спроведувањето на реформските процеси.

Честитајќи му го изборот за претседател на Владата на Џафери, Ќучук истакна дека овој избор е успех не само за Северна Македонија, туку и за регионот, притоа, посочувајќи дека Северна Македонија уште еднаш стана пример и за многу европски земји за успешно функционирање на мултиетничката демократија. Воедно, нагласи дека земјата и натаму ќе може да смета на неговата поддршка и изрази надеж дека по претстојните избори за пратеници во Европскиот парламент, ќе има можност да продолжи да придонесува за побрза интеграција на Северна Македонија во ЕУ, се додава во соопштението на Владата.

02.02.2024 - 11:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега