ССНМ: Работата на премиерот не е да ја оценува уредувачката политика на медиумите
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро реагира на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски со која тој се впушти во квалификација и ревидирање на уредувачката политика на одредени медиуми, велат од ССНМ во реакција испратена до медиумите.
„Прашан да ја коментира изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети со која тој ги обвини ТВ Алфа и ТВ Телма дека се „непријатели на Албанците“, премиерот Ковачевски рече: „Што се однесува до мене, можам да кажам дека во државата има медиум чијашто уредувачка политика повеќе наликува на уредувачка политика која тргува со енергенси, а има и медиум чијашто уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација“.
Сметаме дека државните функционери, особено кога се работи за најмоќната државна позиција, мораат да внимаваат на искажаниот збор бидејќи, вперувањето со прст од различни причини кон одредени медиуми ги става во незавидна позиција медиумските професионалци, кои потоа се цел на разни напади, говор на омраза и слично.
Ваквото етикетирање на медиумите претставува и напад врз слободата на изразување и слободата на медиумите, односно врз новинарите и медиумските работници, што не смее да се случува во едно демократско општество“, стои во реакцијата на ССНМ.
„Предочуваме, дека јавноста односно граѓаните не смее никој да ги потценува и тие се оние кои го носат крајниот суд за тоа дали одреден медиум си ја врши добро или не работата која е од јавен интерес“, додаваат оттаму.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа