Стефанов: Дислокацијата на топловодот на мостот „Беласица“ се надевам ќе почне од следната недела
Директорот на АД ЕСМ Васко Стефанов се надева дека дислокацијата на топловодот на мостот „Беласица“ кој е затворен за сообраќај по пожарот во мај, ќе почне од следната недела.
Во изјава за медиумите, Стефанов денеска рече дека процесот ќе го води ЕСМ Дистрибуција.
- Од наша страна преземавме се. Прва фаза е дислокација на топлoводот. Тоа ќе се случи, ќе почне се надевам идната недела, бидејќи има законски процедури. Процесот ќе го води ЕСМ дистрибуција во чија надлежност е топлoводот. Ќе треба да се направи соодветна постапка согласно закон којашто ќе овозможи да се тргне во техничко решавање на проблемот. Кога ќе биде дислоциран топловодот, ќе се пристапи кон санација на мостот и тој повторно ќе биде лоциран на истото место, рече Стефанов.
Драфт веризијата на извештајот што го изработи Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени покажа дека треба да се направи санација, но дека за тоа е ннеопходно да се извадат цевките за парно кои се наоѓаат под мостот.
Извештајот, како што вчера изјави директорот на Институтот за сеизмички отпорни градби Михаил Гаревски, покажа дека оштетувањата се мали, но дека сепак ќе треба да се изврши санација.
- Потребна е санација на плочата над примарните цевки за парно со торкретирање за да се врати заштитниот слој од бетон кој ја штити ребрастата арматура од корозија. Потребно е и да се врати паднатиот бетон на некои површини од долната плоча и вертикалните ребра на сандачестите носачи. За да може да се спроведе санацијата на мостот неопходно е да се извадат цевките за парно кои се наоѓаат под мостот, појасни професорот Гаревски.
Мостот „Беласица“ беше опожарен во мај и оттогаш е затворен за сообраќај.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа