Стефковски: Бесплатна градинка за социјалните и многудетните семејства во Гази Баба
На вчерашната редовна седница, Советот на општина Гази Баба на предлог на градоначалникот Бобан Стефковски донесе Одлука за ослободување од плаќање месечен надомест за престој на деца во градинка на социјалните и многудетните семејства.
Во објава на својата официјална страна на фејсбук, градоначалникот Стефковски информираше за донесената Одлука за која напиша:
„Бесплатна градинка за дечињата од социјално загрозени и многудетни семејства во општина Гази Баба.
Продолжува грижата за дечињата како и поддршката за социјално загрозените и многудетните семејства на територија на општина Гази Баба.На вчерашната седница на Советот на општина Гази Баба беше донесена Одлука за ослободување од плаќање месечен надомест за престој на деца во градинка на следните категории родители:
-Родители на три деца запишани во градинка, се ослободуваат од плаќање месечен надоместок за престој за едно дете;
-Самохран родител со примања до една минимална плата или со останати приходи во износ до една минимална плата се ослободува од плаќање месечен надоместок за престој на детето/децата;
-Двајца родители без приходи или самохран родител без приход (невработени лица) се одлободуваат од плаќање месечен надоместок за престој на детето/децата;
-Двајца родители од кои еден е без приходи (невработено лице), а другиот родител со примања до една минимална плата или со останати приходи во износ до една минимална плата се ослободуваат од плаќање месечен надомест за престој на детето/децата;
-Родител на деца со категоризација за потешкотии во развојот на детето/децата, се ослободуваат од плаќање надомест за престој на детето/децата.
Во услови на сериозна економска криза како одговорна општина ја имплементираме оваа мерка за поддршка на социјално загрозените и многудетните семејства.
Дополнително преку оваа мерка создаваме услови на еднаквост на децата и се овозможуваме секое дете да има можност да помине период во градинка во својата предучилишна возраст.
Ги повикувам граѓаните да ја искористат оваа можност.
Со срце за нашата Гази Баба“ - напиша Стефковски.
11.04.2023 - 09:34
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа