Стјуардеса од регионот се бори за живот по несреќата со превртениот авион во Торонто

 


Стјуардесата Вања Вичентијевиќ (32) од Белград е тешко повредена во несреќата со авионот на аеродромот во Торонто. Таа е во критична состојба и се бори за живот, јавуваат српските медиуми.

Стјуардесата Вања Вичентијевиќ (32) од Белград е една од тешко повредените во несреќата кога авион на „Делта ерлајнс“ се превртел при слетување на меѓународниот аеродром Пирсон во Торонто, Канада.

Редакцијата на „Блиц“ стапила во контакт со семејството на Вања, а за неа знаат само дека е во болница и е во многу критична состојба, што значи дека лекарите се борат за нејзиниот живот.

„Вања работеше како стјуардеса на летот 4819, а при слетувањето на аеродромот Принстон во Торонто беше тешко повредена. При превртувањето на авионот, таа сега е без свест. Нејзината состојба е многу критична, а таа се бори за живот. Толку ни кажаа од болница, друго не знаеме“,  изјави за „Блиц“ нејзината братучетка Мирјана Дориќ.

 

Според Мирјана, Вања, која по потекло е од Сопот, моментално се наоѓа во болницата во здравствениот центар Пирсон, откако се здобила со повреди во авионската несреќа.

„Бараат некој од семејството да оди таму за детали. Ништо друго не дознавме од медиумите. Семејството е очајно, се надеваме на најдоброто и дека ќе се извлече. Толку ни остана“, вели за „Блиц“ братучетката Мирјана Дориќ.

Според последните информации, најмалку 18 лица се повредени, од кои три потешко, откако вчера при слетување на меѓународниот аеродром Пирсон во Торонто се превртел авион со кој управувала американската компанија „Делта ерлајнс“.

Меѓу тројцата тешко повредени има и едно дете кое со возило на брза помош било пренесено во детската болница во Торонто. За среќа, сите 80 патници преживеале, а за време на инцидентот виселе наопаку.

Истрагата за несреќата ќе ја водат канадските власти, бидејќи се случила на канадска територија. Детали за причините за инцидентот се уште не се познати.

18.02.2025 - 14:08

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега