Стоилковски: Со официјалниот молк и неубедливите настапи, Заев и Пендаровски се соработници на Радев

„Како поинаку да се нарече државна политиката која што премолчува закани и изјави од соседна држава, изјави и закани од претседател на соседна држава, за активирање и испраќање на разузнавачки служби, полициски структури и други во политиката опишани како непријателски дејствија, освен како понизна, полтронска, адржавна, колонијална, потчинета на странски интереси?“ рече на прес конференција потпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Дали не е понижувачко премолчувањето и немањето соодветна реакција на Македонија- поточно на Зоран Заев и на Стево Пендаровски, дали официјалниот молк, подвитканата кичма од нив кон заканите од бугарскиот претседател Румен Радев, не се понижувачки за цела држава Република Македонија?

Токму таквата потчинета и адржавна политика, му остави место на бугарскиот претседател Румен Радев директно да се меша во внатрешните работи на Македонија. Притоа, Македонија се именува како „држава од двете страни на Вардар“, како да се работи за неименувана територија. Се упатуваат  закани, се одржуваат средби на разузнавачки служби, полициски структури, бугарската армија можеби, за да се делувало во Македонија.

Румен Радев организираше состанок со безбедносни и разузнавачки структури, за акција за  наводно штитење на бугарско малцинство во Македонија. А Зоран Заев со еден потпис се откажа од Македонците во Бугарија. Сега Заев, дали гледаш колку ти е свиткана кичмата?

Секоја нормална држава во ваков случај веднаш би ги презела сите дипломатски механизми кои што и стојат на располагање, механизмите на ЕУ, на НАТО, на Обединетите Нации, механизми кои што барем декларативно стојат на страната на нападнатите бидејќи според дипломатски речник- ова е напад!“ рече Стоилковски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.03.2021 - 20:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега