Стојаноски: Скандалот со прислушкувањето се граничи со државен удар

 

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, вели дека наводите со прислушкувањето на политичари, бизнисмени и новинари претставуваат сериозен скандал кој опфаќа злоупотреба на државни ресурси за оперативно следење, кој се граничи со државен удар.

За него, скандалот отвора повеќе прашања, за тоа како и зошто тие лица се избрани за прислушкување, каде завршувале информациите и која била целта на наредбодавачот.

„Се работи за тоа дека Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање во периодот од пет години помеѓу 2019 и 2024 злоупотребувала државни ресурси за оперативно следење и оперативна обработка на лидерот на опозицијата на бизнисмени, на новинари, на медиуми. ЈО одбива да даде повеќе информации, ние не знаеме дали ќе биде оформен предмет, ваков сериозен скандал се граничи и со државен удар, бидејќи вие ако злоупотребите една ваква служба и ресурсите на државниот систем, за да вие правите опсервација на лидер на опозиција, на бизнисмени, на новинари, без претходно да имате добиено дозвола согласно законите од обвинителството, вие правите и државен удар. Треба тие лица кои тоа го дозволиле и коишто тоа го знаеле да бидат повикани на одговорност и да се запрашаат“, рече Стојаноски во интервју за Њузмакс Балканс.

ВМРО-ДПМНЕ бара Јавното Обвинителство на чело со Љупчо Коцевски да истражат кој дал наредба за следење. Тие тврдат дека таргет бил и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. 

Од друга страна, СДСМ порачува дека потребна е декласификација на документите од АНБ со што, според нив, би се дало одговор на сите дилеми.

За лидерот на СДСМ, Венко Филипче, една од причините поради кои власта се противи на декласификација на документацијата поврзана со случајот во Агенцијата за национална безбедност е стравот да не излезат на виделина информации за сомнителни странски финансиски извори поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Тој пак вели дека специфично прашање е дали со тие групи кои што биле пратени и биле обработувани материјали согласно капацитетот и ингеренциите на Агенцијата за национална безбедност, комуницирал и премиерот и зошто комуницирал.

06.09.2025 - 12:12

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега