Странските инвеститори повлекоа 15 милијарди долари од Кина
Странските инвеститори повлекле речиси 15 милијарди долари инвестиции од Кина во тримесечниот период меѓу април и јуни, објави кинеската државна управа за девизни работи.
Како што се додава, вредноста на странските инвестиции во Кина во првите шест месеци од 2024 година паднала за околу пет милијарди долари.
Странските инвестиции во Кина достигнаа рекордни 344 милијарди долари во 2021 година, но постепено се намалуваат поради забавувањето на економијата и растечките геополитички тензии, пренесува Блумберг.
Владата во Пекинг се обидува да привлече и задржи странски инвестиции, како и да покаже дека Кина е сè уште отворена и привлечна за странските компании, особено за оние кои носат напредни технологии.
Кинеската економија порасна за пет отсто на годишно ниво во првата половина на 2024 година, покажуваат податоците на Кинеското национално биро за статистика (НБС) објавени на крајот на јули.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа