Стратешките инвестиции пред пратениците – експертите обвинуваат дека штетни договори секогаш се туркаат пред избори

 

Стратешките договори за енергетски инвестиции пред пратениците – експертите обвинуваат дека штетни договори секогаш се носат пред избори

Пратениците во Собранието денеска ќе одлучуваат за четирите стратешки инвестиции во секторот енергетика кои предизвикаа бура од реакции во јавноста, главно кај енергетските експерти.

Станува збор за изградба на когенеративна централа, односно централа која ќе произведува и гас и електрична енергија, во скопска Железара. Договор кој го добива грчки Митилинеос и кој предвидува државата да ѝ даде помош на компанијата од 50 милиони евра.

Вториот проект е на Грин Тецк која ќе треба да гради централи во Штип и Свети Николе. Оваа компанија 10 години ќе биде ослободена од данок на добивка. Токму за неа, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој вчера одржа брифинг со новинарите не одговори дали оваа компанија има претходно искуство во секторот и рече дека секој има право да конкурира за стратешко партнерство.

Другите два проекти се Стипион соларниот парк, како и нова централа во Пехчево.

Енергетските експерти бараа од државата таа самата да ги изгради овие капацитети бидејќи според нивните пресметки, само од когенеративната централа, за 30 години колку што е времетраењето на договорот, државата би остварила ќар од 1 милијарда евра.

Барањето на стратешки партнер, Владата го правда со тоа што во енергетската криза потрошила многу пари за да ја субвенционира струјата на граѓаните и затоа сега нема можност самата да инвестира.

-Околу 400 милиони евра отидоа кај граѓаните, затоа што изминативе години бевме во таква криза и се даваа пари во ЕСМ, рече Битиќи на вчерашниот брифинг.

Професорот Константин Димитров во колумна објавена во Нова Македонија вели дека како по правило, кога Владата сака да истурка на мускули штетен договор за Македонија, тоа секогаш се прави на неколку дена пред парламентарни избори.

-Основните карактеристики на постројката треба да бидат во следните граници: 130 МWe капацитет на производство на електрична енергија и минимум 90 MWth топлинска енергија. Грчкиот „стратегиски партнер“ ќе ѝ испорача на Македонија фактура за испорачана електрична енергија од 1.500.000 МWhе и 275.000 МWht топлинска енергија во топлификацискиот систем на АД ЕСМ „Енергетика“ и на Град Скопје. Ќе достават фактура за наплата на 275.000 МWht топлинска енергија, а системот на АД ЕСМ „Енергетика“ во последните години има потреба од 58.350 МWht. Да повторам, ќе наплатат 275.000 МWht енергија, а имаме потреба од 58.350 МWht. Ќе ни наплатат 58.350 МWht енергија, без да ја произведат, затоа што нема кој да го прими тоа количество енергија. И не само тоа. Овие потреби денес ги задоволуваат постројките од КОГЕЛ 1 и другата опрема во АД ЕСМ„Енергетика“. Ако и ова мал количество енергија го произведе „Митилинеос“, опремата во „Енергетика“ ќе фаќа пајажина. А вработените се веќе непотребни, вели Димитров.

07.02.2024 - 11:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега