Струмица и Карпош си одат од ЗЕЛС - ја повикуваат и Арсовска
Општина Струмица се повлекува од Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), објави градоначалникот Костадин Костадинов на својот Фејсбук профил.
Тој информира дека ќе подготви и официјален допис до ЗЕЛС, во кој ќе ја извести организацијата дека Струмица нема да учествува во неа, бидејќи не ја оправдува партиципацијата на општината.
„Го напуштаме ЗЕЛС со голема грижа за жителите на Струмица. Досегашните обиди за соработка и партнерство беа залудни, а последиците ги трпат граѓаните“, напиша Костадинов.
Слична намера изрази и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој изјави дека ќе го следи примерот на Струмица и ќе ја напушти ЗЕЛС.
Во поткаст емисија, Јакимовски изјави:
– И Општина Карпош ќе ја напушти ЗЕЛС. Подолго време планираме да се откажеме, бидејќи ЗЕЛС не ги оправдува нашите очекувања и функционира како партиски инструмент.
Тој додаде дека и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, треба да го направи истото, бидејќи Скопје е главниот финансиер на ЗЕЛС, а не добива соодветна корист.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа