Судски совет донесе одлука за објавување оглас за избор на судии
Судскиот совет денеска на седница донесе одлука за објавување оглас за избор на судии во основните судови.
Ќе се избираат по шест судии во Основниот граѓански суд Скопје и Основниот кривичен суд Скопје шест, пет во Гостивар, по четири во основните судови во Прилеп, Битола, Куманово и Тетово, тројца во Штип, по двајца во Струмица, Гевгелија, Охрид, по еден во Велес, Кавадарци, Струга, Струмица, Крива Паланка, Свети Николе, Кочани, Кичево, Делчево.
Членот на Судскиот совет, Весна Дамева изрази задоволство што ќе се зголеми бројот на судии кои ќе дадат придонес во оваа тешка состојба за судството.
- Знам и убедена сум дека квалитетно ќе ја извршуваат функцијата и ќе дадат придонес за побрза и поефикасна правда, што граѓаните ја очекуваат, рече Дамева.
Таа изрази надеж дека наскоро ќе биде објавен и нов оглас.
Членот на Советот, Данка Ристова рече дека анализата во рамките на судовите на Апелационен суд Штип, покажала алармантна состојба со број на предмети по судија. Имало мали судови каде по судија имало и по повеќе од 1.200 предмети.- А тоа многу влијае на квалитетот на работа и на тоа колку можат граѓаните да дојдат до услугите што треба судот да ги овозможи, достапност до правдата, подвлече Ристова.
Предлогот беше усвоен со 12 гласа ,,за".
Согласно на законот, комисија ќе врши рангирање на кандидатите, со интервју и бодирање.
На седницата беше утврден престанок на судска функција поради исполнување на услови за старосна пензија, за Иван Стаменов, судија во Основен суд Гевгелија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа