Судскиот совет добил претставка и постапува по одлуката на Врховен суд за зградата на ССМ

 

Судскиот совет на Република Северна Македонија соопшти дека со внимание ги следи реакциите во јавноста, во врска со одлуката на Врховниот суд, која се однесува на Сојузот на синдикатите на Македонија и во рамките на своите надлежности презема дејствија во насока на констатирање на состојбата.

До Советот доставена е претставка од Сојузот на синдикатите на Македонија истата веднаш е распоредена кај член на Советот и во тек е постапка по претставката.

Врховниот суд на 9.11.2023 година донесе пресуда за предметот РЕВ 1-77/22, во кој тужител е Република Северна Македонија против тужениот Сојузот на синдикатите на Македонија Скопје, за утврдување право на сопственост на недвижен имот кој претставува административна зграда како објект од општ интерес за државата. Со одлуката се одзема работничкиот дом од ССМ и се доделува на државата.

Сојузот на синдикати на Македонија реагираше на оваа одлука и побара оставка од судиите Шпенд Деваја, Наке Георгиев, Исамедин Лимани од Врховниот суд кои ја донеле пресудата за одземање на имотот на Синдикатот.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов најави дека доколку судиите не поднесат оставки, ќе почнат постапка за нивно разрешување пред Судскиот совет.

01.02.2024 - 13:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега