Сунак во Киев го претстави најголемиот пакет британска воена помош за Украина

 

Британскиот премиер Риши Сунак за време на неговата денешна посета на Киев го претстави новиот пакет воено финансирање за Украина со цел земјата да се увери дека Западот продолжува да ја поддржува.

Пакетот за помош, кој важи за следната фискална година и е вреден 2,5 милијарди фунти (3,2 милијарди долари), е најголемиот што Велика Британија и го дала на Украина од почетокот на војната.

Имено, тоа е за 200 милиони фунти (233 милиони долари) повеќе од претходниот годишен пакет, соопшти британската влада.

– Денеска сум тука со една порака: Обединетото Кралство … нема да се поколеба, рече Сунак и додаде. „Ќе бидеме со Украина, и во нивните најтемни времиња и во подобрите времиња што доаѓаат“.

Пакетот вклучува средства за набавка на ракети со долг дострел, илјадници дронови, за противвоздушна одбрана, артилериска муниција и за финансирање на поморската безбедност, соопшти кабинетот на Сунак.

Британската помош за Украина пристигнува во време кога финансиската помош од САД и Европа е во застој поради политички несогласувања.

– Не заминуваме, рече Сунак на прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинските власти ја поздравија британската најава и ја претставија како доказ дека западната поддршка за нејзината борба против Русија не опаѓа, како што стравуваат некои.

– Ова е сигнал до светот: Украина не е сама, рече Зеленски.

Сунак и Зеленски потпишаа билатерален безбедносен договор за следните 10 години.

– Тој договор ќе остане во сила додека Украина не добие членство во НАТО, за што се надеваме, рече Зеленски.

Деталите за договорот ќе бидат објавени подоцна, соопштија официјални лица.

Киев апелира до Западот да испрати повеќе помош како Британија, бидејќи исцрпувачка војна не предизвика големи промени долж замрзнатата линија на фронтот, а двете страни се свртеа кон напади со долг дострел, проектили и дронови.

Сунак рече дека ја направил Украина прва дестинација за странска посета оваа година, со цел да и испрати „силен сигнал“ за поддршка, што укажува на „сериозноста на ситуацијата овде и нашата решеност да бидеме со Украина“.

Според Сунак, рускиот претседател Владимир Путин „ќе мора да признае дека не одиме никаде“.

Посетата на Сунак следеше неколку часа откако британските и американските сили ги бомбардираа позициите на бунтовниците Хути на територијата на Јемен, кој е поддржан од Иран.

12.01.2024 - 21:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега