Свечено отворен спортско-рекреативниот комплекс “Теодор Стојановски-Тоше” во Драчево

 

 

Со голема свеченост проследена со огномет и бројна публика, синоќа грaдоначалникот Орце Ѓорѓиевски го пушти во употреба новиот спортско рекреативен комплекс “Теодор Стојановски-Тоше”. Лоциран на некогашното култно место “Оксиген” кое поради негрижа во последните декади беше претворенo во депонија, од вчера беше предаден на користење на жителите во ново руво. Новиот спортско рекреативен комплекс сега нуди голем број на содржини насочени кон унапредување на квалитетотот на живот и збогатување на спортската содржина во Драчево и во целата општина. Во центарот, заедно со семејството на загинатиот бранител од втората пешадиска бригада, Теодор Стојановски-Тоше, во чија чест беше реименуван овој комплекс, беше откриена и неговата бистата, а потоа се одржа и меморијален турнир во фудбал, повторно посветен на овој млад бранител од Драчево.

„На 7500 квадратни метри овој простор нуди можности за спорт, рекреација, одмор и релаксација за сите наши граѓани. Детското катче, пешачките патеки, скверот, летниковците, надополнети со фонтани, урбана опрема и многу зеленило кое ќе се одржува преку систем за самонаводнување ќе го направат ова место привлечно за секого. Спортскиот дух, пак, ќе може да се развива на новите современи спортски игралишта за фудбал и за кошарка, или на поставените фитнес справи. Поставивме лед осветлување и рефлектори потребни за натпреварите кои ќе се одигруваат во вечерните часови. Нешто што ќе имаме можност да го презентираме уште вечерва и драго ми е што ве има во толкав број! Лично и од срце, посакувам секогаш ова место да ни биде полно како вечерва“ истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, осврнувајќи се на историјата на ова, некогаш, култно место во Драчево.

„Знам дека имате многу убави спомени од поранешниот комплекс кој постоеше на ова исто место и до денес, го носеше името Оксиген. Впрочем, ова било едно од најомилените места на нашата заедница, каде граѓаните може да се одмораат, забавуваат и рекреираат. Ова било место каде луѓето разговарале, се зближувале, граделе пријателства, каде нивните деца си играле, каде се бележеле првите спортски успеси, се навивало и се славело по победите. И затоа, вечерва нема да говориме за негрижата и неодговорно однесување кои од култна локација, “Оксиген” го доведоа до дива депонија. Тие денови се зад нас, бидејќи овој спортско-рекреативен комплекс од денес блеска во нов сјај и дише во духот на новото време кое се чувствува низ целата Општина Кисела Вода. Оваа вечер да ја посветиме на нештата кои се вредни за сеќавање и кои треба да се сочуваат за следните генерации. Во таа насока, со голема почит сакам да истакнам дека од денес, овој спортско рекреативен комплекс го носи името на загинатиот бранител од втората пешадиска бригада, Теодор Стојановски-Тоше, кој потекнува токму од Драчево и чие семејство вечерва е меѓу нас. Во негова чест, вечерва ќе се одржи и меморијален турнир кој го носи неговото име, а сега ќе ја откриеме и неговата биста, која ќе биде трајно сведоштво за херојството на младото момче од Драчево кое загина за својата земја, гордо носејќи ја македонската униформа! Слава му“ рече Ѓорѓиевски, по што заедно со таткото на Теодор Стојановски го открија неговиот споменик.

По големиот огномет, се одржа и меморијалниот турнир на кој учество зедоа фудбалските клубови “Партизан Фудбал Кидс Драчево”, “Кул”, “Њу старс” и “Нова колонија”.

 
11.05.2023 - 11:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега