„Технички разговори“ помеѓу Турција и Израел за избегнување на судир помеѓу нивните трупи во Сирија
Турција и Израел имаа „технички разговори“ со цел спречување на судир помеѓу нивните трупи во Сирија, изјави денеска неименуван претставник на турското Министерство за одбрана.
Израел е загрижен поради зголемувањето на турското воено присуство во Сирија. Турција ја поддржува и новата сириска влада и планира изградба на заедничка турско-сириска воена база за обука.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху пред два дена изјави дека турските воени бази во Сирија претставуваат „опасност за Израел“.
Израел стравува дека новото исламистичко раководство на Сирија претставува нова закана и воспостави тампон-зона на сириска територија.
Претходно, шефот на турската дипломатија Хакан Фидан изјави дека Турција „нема намера да предизвика конфликт во Сирија, не само со Израел, туку и со која било земја“. Но, тој додаде дека Анкара „не може да гледа како Сирија е изложена на внатрешни превирања или провокации, кои ќе ја загрозат националната безбедност на Турција“.
Нетанјаху оваа недела се обиде да добие поддршката од американскиот претседател Доналд Трамп против Турција, но Трамп го пофали Ердоган за „преземањето на Сирија“ и неговото дејствување како можен посредник меѓу двете земји.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа