Томовски: СОЗР стави крај на недомаќинското работење

 

Службата за општи и и заеднички работи, во изминативе шест месеци, откако со неа раководи Ивица Томовски, успеа да преземе бројни активности во насока на надминување на затекната состојба од претходното раководство. Уште од првиот ден, Службата се фокусираше на мерки со кои беше неопходно да се надминат многу од затекнатите проблеми и неефикасности, се интензивираше процесот на ревизија и оптимизација генерално во насока на одговорно, отчетно и транспарентно управување со државните ресурси.

За кусо време, СОЗР стави крај на недомаќинското работење, ги оптимизираше трошоците за набавка на пијалоци и апетисани за потребите на државните органи, ги покачи цените на угостителските услуги во владините објекти, со што минато станаа привилегиите за избраните функционери, а во завршна фаза е и постапката за ставање крај на лошите практики за злоупотреба на службените возила, преку изготвување на посебен регистар и унифицирање на службените возила.

СОЗР примени механизам за строга контрола на сите службени трошоци со цел да се намалат непродуктивни патувања, кои биле пракса во минатото, а во насока на одговорно трошење и планирање на јавните средства. „Големо безредие и тотален хаос наследивме со државниот имот од кој 80 отсто имаше нерешени имотно-правни односи, затекнавме запуштени вили сопственост на државата, заборавени репрезентативни објекти. По извршена анализа на состојбите, конкретни чекори презедовме и во таа насока“, вели Томовски.

Поради недостатоци во проектот во владината Палата АСНОМ, склучен и наследен од претходната власт, СОЗР направи анекс на проектот за реконструкција која е во тек, а се преземаат и мерки за заживување на комплексот „Македонско село“ кое во изминативе пет години е затворено и заборавено поради негрижа.

Во моментов се врши и реконструкција на Клуб на пратеници, со цел да са врати функционалноста на објектот и неговиот имиџ. СОЗР во моментов врши анализи на условите за изградба на втора фаза од Жичницата, од црквата „Св.Јован“ во Капиштец до Средно Водно, како и за доградба на зградите на Факултетот за физичка култура (ФФК) и Факултетот за информатички технологии (ФИНКИ) во рамките на кампусот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, објекти кои шест години се во фаза на карабина.

И во наредната година ќе продолжиме со подобрување на системот за управување со цел да овозможиме транспарентност, отчетност и поголема ефикасност во работењето на сите нивоа, со што ќе се подигне нивото на доверба во оваа важна служба и ќе придонесе за понатамошен развој и напредок.

31.12.2024 - 14:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега