Тошковски: На ДУИ нека му е со среќа

 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска им посака среќа на пратениците од „Европскиот фронт“ кои вчера поднесоа интерпелација за неговата работа.

Според Тошковски, интерпелацијата поднесена од „Европскиот фронт“ е низок обид за манипулација на јавноста.

Министерот денеска прашан за коментар околу интерпелацијата рече дека собранието ќе постапи како што смета.

„Тезите што се поставуваа во изминатиот период од страна на опозицијата особено од страна на ДУИ навистина сами по себе се контрадикторни. Сметам дека македонскиот граѓанин и народот добро знае што стои позади оваа интерпелација од аспект на нивното барање. Нека им е со среќа, ќе си постапи собранието во насока на она што смета. Искрено сметам дека ова е еден низок обид за манипулација на јавноста“, рече Тошковски.

Освен за министерот Тошковски, од „Европскиот фронт“ вчера поднесоа интерпелации и за неговиот заменик Астрит Исени, како и за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ.
Во образложението што вчера го даде координаторот на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети за поднесената интерпелација за министерот за внатрешни работи Тошковски и неговиот заменик Исени, рече дека тие на денот на празникот на албанското знаме, како одговорни лица, и наредиле на полицијата на невиден и неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците.

„Оваа интервенција предизвика непотребни тензии и ја поткопа атмосферата на мир и меѓуетнички соживот. Полицијата наместо да го одржува јавниот ред и да ги почитува правата на граѓаните да го прослават овој ден, поттикна конфронтации и ескалација на тензии. Ова неменаџирање на ситуацијата настана поради неспособноста и непрофесионалноста на министерот за внатрешни работи и неговиот заменик“,рече Беџети.

 

04.12.2024 - 12:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега