Тошковски: Поддршка до специјалните единици бидејќи тие се првиот столб на заштитата на безбедноста и суверенитетот на државата


Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работна посета на Единицата за брзо распоредување и Единицата за обука и поддршка кои се сместени во Полицискиот центар Ѓорче Петров.

Во рамки на посетата министерот направи кратка обиколка на центарот, ја посети спомен собата на ЕБР и оддржа работен состанок со поширокото раководство на двете Единици.

„Од страна на командантите на двете Единици бев запознаен со структурата и делокругот на нивната работа и во тој поглед ЕБР е Единица која постапува главно за воспоставување на јавниот ред и мир при спортски натпревари, јавни манифестации и масовни демонстрации, при справување со вооружени и екстремистички криминални банди во планински и рурални средини, при апсење на опасни лица, а дава асистенција и на други организациски единици во МВР, но и на други институции. Исто така, беше потенциран проблемот со трендот на намалување на бројот на припадници на Единицата и се помалиот интерес за работа што во иднина може да го доведе во прашање високото ниво на ефикасност во нивната работа. Од аспект на опрема потребен е континуитет во набавката на опрема и возила кои недостастуваат во последниот период.“, подвлече министерот Тошковски.

Што се однесува до ЕОП оваа Единица е сочинета од 3 батаљони кои се сочинети од редот на редовните полициски службеници низ Секторите за внатрешни работи. Нивниот делокруг на работа е главно при нарушен ЈРМ од поголем обем и давање на поддршка и спроведување на обуки за другите организациски единици во Министерството.

Од страна на министерот Тошковски беше изразена благодарност за професионализмот што го покажаа во контекст на изборите и кој овозможи да имаме безбеден изборен ден и потенцираше дека во иднина секогаш ќе дава поддршка на специјалните единици бидејќи тие се првиот столб за заштитата и зачувувањето на безбедноста и суверенитетот на државата. 

26.04.2024 - 15:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега