Трамп за 24 часа по пресудата добил над 50 милиони донации
Раководителите на кампањата на републиканскиот кандидат за претседател на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп објавија дека во првите 24 часа откако беше прогласен за виновен за фалсификување документи собрале повеќе од 50 милиони долари донации.
„Тоа е повеќе од два милиони долари по час“, соопштија тие.
„За неколку минути по прогласувањето на пресудата нашиот систем за донации беше преплавен со поддршка, а и покрај неколкуте прекини поради преголемиот сообраќај, претседателот Трамп успеа да собере 34,8 долари помали донации“, соопштија Крис Ласицита и Сузи Вајлс.
До синоќа тој износ се качил на 52,8 милиони долари, пренесува Франс Прес. Така веќе утринава тој бил двојно поголем од вообичаениот дневен приход на Винред, републиканската платформа за донации. Околу 30 отсто пристигнале од нови донатори.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кандидат на републиканците за изборите во ноември, во четвртокот беше прогласен за виновен за фалсификување документи со цел прикривање на исплатата за молчење на порно ѕвездата Сторми Дениелс пред изборите во 2016 година.
Поротата го прогласи Трамп за виновен по сите 34 точки од обвинението, со што тој стана првиот американски претседател осуден за кривично дело. Му се заканува максимална казна од четири години затвор иако останатите осудени за такви дела често добиваат помали парични или условни казни.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа