Тренчевска: Зголемување на минималната плата од март е поддржано од работодавачите

 

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изјави дека зголемување на минималната плата од  март годинава е поддржано од Организацијата на работодавачи, а за мал дел од работодавачите кои не ќе може да ја исплатат платата, ќе бидат помогнати со Законот за субвенционирање за зголемување на плати, којшто дава можност за ослободување од плаќање придонеси.  

– Пред два дена имавме Економско - социјален совет, разговаравме за оперативниот план за вработување, за мерките и програмите за 2024 година. Тоа ни е обврска да го разговараме со Економско - социјалниот совет, каде што се и работодавачите и синдикатите за да можеме понатаму да ја продолжиме процедурата и понатаму да го усвоиме на Влада. Го усвоивме и во точките на дневен ред разговаравме и за покачувањето на минималната плата сега во март месец со исплатата на платата во март месец. Од ниту еден претставник на Организацијата на работодавачите не беше споменато дека ќе имаат проблем. Напротив, се радуваат и тие како работодавачи на овој модел – методологија на зголемување на минималната плата, затоа што им дава можност да ја зголемуваат платата, вели Тренчевска на новинарско прашање дали зголемувањето на минимална плата ќе биде товар за компаниите.

Таа воедно информира дека во Собранието е законот за субвенционирање, односно ослободување од придонеси којшто е дел од финансискиот пакет на Владата и којшто им овозможува на приватниот сектор да ги покачат платите на своите работници од три до девет илјади денари.

- Сето тоа заедно со покачувањето на минималната плата е прифатено од Организација на работодавачите и од стопанските комори, затоа што им дава можност да ги задржат работниците овде во државата и да не им одат на работа во други држави. Можеби мал дел од работодавачите не ќе може да исплатат плата, но затоа им го нудиме Законот за субвенционирање за зголемување на плати со којшто ќе може да бидат ослободени од плаќање придонеси, рече министерката за труд и социјална политика Тренчевска пред учеството на трибината на Сојузот на борци по повод 80 години од ослободувањето на градовите – државата, на која учествува заедно со минитерките за одбрана Славјанка Петровска и за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска. 

18.01.2024 - 14:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега