Трипуновски: Николовски доделил 2,5 милиона евра надвор од процедура
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Цветан Трипуновски, го обвини министерот Љупчо Николовски дека доделил 2,5 милиона евра надвор од процедура.
Како што рече, Николовски донел програми спротивно на прописите за финансиско управување и контрола. Една иста комисија надлежна да врши избор на корисници, следи имплементација, врши контрола односно едно исто службено лице во исто време е одговорно за одобрување, извршување и контрола на буџетското трошење на средствата, што е спротивно на сите акти за финансиска контрола, а со што оставил простор да се влијае на начинот на распределбата на над 2,5 милиона евра народни пари.
„На овој начин Николовски директно извршил упад во системот, бидејќи иако министерството е орган кој што ги планира мерките за финансиска поддршка и го оценува нивното влијание, сепак нивното исплаќање се врши преку платежната агенција, со тоа Николовски директно ја нарушил системската поставеност на институциите“, рече Трипуновски.
Дополнително, како што додаде, треба да се истражи зошто финансиските средства на овие програми од година на година енормно се зголемуваат сугерирајќи дека Николовски имал директна можност да ги користи овие програми и исплаќања на енормни високи суми на лица блиски до него и до власта, со што можел да фаворизира одредени апликанти при распределбата на средствата помеѓу земјоделците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа