Тропска бура ги погоди Филипините, најмалку седум мртви
Филипинските власти соопштија дека најмалку седум лица загинале како последица на тропската бура Евиниар, која ја погоди земјата за време на викендот.
Евиниар донесе силен ветер и силен дожд, затворајќи ги аеродромите и поморските пристаништа и го прекина снабдувањето со електрична енергија.
Едно 14-годишно девојче е потврдено дека починало во јужната провинција Мисамис Ориентал, откако дрво паднало врз нејзиното паркирано возило. Уште еден ученик е повреден, соопшти националната агенција за катастрофи.
Во провинцијата Кезон, источно од главниот град Манила, пријавени се шест смртни случаи, меѓу кои двајца мажи на возраст од 56 и 22 години кои се удавиле и 39-годишен маж кој бил погоден од дрво, извести локалната полиција.
Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Џуниор, рече дека невремето погодило речиси 27.000 луѓе и дека напорите за пребарување и спасување ќе продолжат. Тој извести дека за време на викендот во прекин е работата на три воздушни и девет поморски пристаништа.
Евиниар беше првата тропска бура што ги погоди Филипините оваа година. Во оваа југоисточна азиска земја се забележуваат просечно 20 бури годишно, што често резултира со обилни дождови, силни ветрови и смртоносни лизгања на земјиштето, наведува Ројтерс.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа