Убедливо водство на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски убедливо е на првото место на листата на политички лидери во кои граѓаните на Македонија имаат доверба. Партијата ВМРО-ДПМНЕ и натаму е првата политичка партија за која македонските граѓани повторно би гласале ако утре се одржат нови парламентарни избори. За првпат коалицијата Вреди е пред ДУИ, а СДСМ после ДУИ. Oва се дел од резултатите на истражувањето на јавното мислење кое за МКД.мк го спроведе агенцијата Маркет вижн од 6 до 15 декември на 1.200 испитаници.
На прашањето во кој лидер на политичка партија имате најголема доверба, 27,2 отсто од испитаниците одговориле дека тоа е Христијан Мицкоски. На второ место со само 5,3 отсто доверба е Али Ахмети, претседателот на ДУИ. По него следуваат Максим Димитриевски и Венко Филипче со по 3,6%, па Арбен Таравари (2,9%), Димитар Апасиев (2,26%), Изет Меџити (1,8%), Биљал Касами (0,7%), Зијадин Села (0,5%), Африм Гаши (0,2%)…
За првпат во македонската политичка плурална историја на второ место меѓу политичките лидери е претседател на партија на Албанците во Македонија. Тие две места досега беа „резервирани“ за лидерите на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ. Актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, го дели третото место на оваа ранг-листа заедно со Максим Димитриевски, претседателот на новата партија ЗНАМ. А како партија, СДСМ, се дури на четвртото место после ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Вреди.
За новото раководство на СДСМ и предизвиците со кои се соочува по последните избори, и капацитетот да се обнови партијата и креирање политика прифатлива за граѓаните, испитаниците на ова истражување имаат голема резерва. Повеќе од 48 отсто од испитаниците не веруваат во тој капацитет и способност да се креира нова политика, а 18,4 одговорија потврдно на ова прашање.
А ова се потврдува и со рејтингот на партијата, песимизмот преовладува во однос на можноста за обновување на партијата.
На прашањето кога следните избори би се одржале утре, за која политичка партија би гласале, за 21,5 % од гласачите изборот е ВМРО-ДПМНЕ, за 5,5% од гласачите е коалицијата Вреди (Влен), за ДУИ би гласале 5,4%, за СДСМ 3,9%, за Левица 2,9%, за ЗНАМ 2,1%… Повеќе од 50 отсто од испитаниците на ова истражување одговориле дека не сакаат да одговорат, дека нема да гласат, дека се уште не се определиле и дека не знае за кого да гласа.
Ова истражување покажува дека довербата во Мицкоски е поголема од партискиот рејтинг. Она што е исто така интересно е дека за првпат во албанскиот блок коалицијата Вреди има поголема доверба од ДУИ.
Анкетирањето беше спроведено од 6 до 15 декември година со употреба на CAТI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 3%; интервал на доверба: 95%). Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа