Украина прифати 30-дневен прекин на огнот
Соединетите држави и Украина издадоа заедничка изјава по состанокот во Џеда, Саудиска Арабија, потврдувајќи дека САД веднаш ќе ја укинат паузата во размената на разузнавачки информации и ќе продолжат со испраќање воена помош за Украина.
Киев, исто така, изрази подготвеност да го прифати предлогот на САД за итен, привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, кој може да се продолжи со заеднички договор на страните, под услов Русија да се согласи и истовремено да го спроведе.
„САД ќе и пренесат на Русија дека реципроцитетот е клучот за постигнување мир“, се вели во соопштението.
Се додава и дека претседателите на Украина и на САД постигнале договор што поскоро да склучат сеопфатен договор за развој на клучните минерални суровини на Украина. Целта на договорот е да се прошири украинската економија, да се надоместат трошоците за американската помош и да се обезбеди долгорочен просперитет и безбедност на Украина.
Средбата меѓу американските и украинските претставници траеше повеќе од осум часа во саудиското пристаниште Џеда.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа