Украинската влада доби девет нови министри

 


Украинските пратеници денеска гласаа за девет нови министри, меѓу кои и шефот на дипломатијата и двајца вицепремиери. Тоа е најголемата реконструкција на владата на претседателот Володимир Зеленски од почетокот на руската инвазија во 2022 година.

Андриј Сибиха, искусен, но непознат 49-годишен дипломат, го презема Министерството за надворешни работи од Дмитро Кулеба, кој во последните години е едно од најпрепознатливите лица на украинската влада на Запад.

Иако промената нема да влијае на надворешната политика на Украина, предводена од Зеленски низ војната, таа се случува во чувствителен дипломатски момент, кога Киев бара дополнителна помош од западните сојузници додека истовремено се обидува да се доближи до земјите од глобалниот југ. Зеленски овој месец патува во Соединетите држави, каде се надева дека ќе му го претстави својот „план за победа“ на претседателот Џо Бајден.

Реконструкцијата на Владата почна во вторникот кога неколку министри поднесоа оставки. Најмалку пет други одделенија веќе се оставени празни поради претходните заминувања.

Дмитро Разумков, претставник на опозицијата, смета дека новите именувања нема да доведат до големи промени. Повеќето од одлуките на крајот се носат во канцеларијата на Зеленски, на кого му беа дадени вонредни овластувања за време на воената состојба, рече тој.

Ресорното портфолио на Олха Стефанишина се прошири, па освен што го предводи пристапувањето на земјата во Европската унија и НАТО, таа стана и министерка за правда. Во говорот пред пратениците пред нејзината потврда, таа рече дека се потребни „стотици и илјадници“ законски измени за Украина да стане членка на ЕУ.

Поранешниот инженер, 32-годишниот Херман Сметанин е назначен за министер за стратешки индустрии, па тој ќе биде задолжен и за домашното производство на оружје.

Олексиј Кулеба, поранешен заменик-шеф на кабинетот на Зеленски, беше назначен за вицепремиер. Тој ќе биде задолжен за реконструкција, региони и инфраструктура, важен оддел кој ги надгледува потенцијалните огромни парични текови. Назначени се и нови министри за земјоделство, култура, животна средина, бранители и спорт.

Ројтерс пишува дека оваа реконструкција на владата делува како политичко освежување, единственото такво нешто можно за време на воената состојба во која Украина не одржува избори.

05.09.2024 - 19:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега