Универзална изгоре, а политичките партии продолжија меѓусебно да се обвинуваат
По вчерашниот пожар во Универзалната сала, политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и утрово продолжија со меѓусебни обвинувања.
Така, од СДСМ, преку соопштение велат дека опозициската партија ја оставила Универзална да се распаѓа, а Скопје е пример за нивните нереализирани ветувања.
Од СДСМ истакнуваат: ДПМНЕ ја остави Универзална сала да се распаѓа, иако беше започнат процесот за реконструкција од страна на претходната локална власт на СДСМ.
Понатаму се додава дека култниот објект и симбол на Скопје, две години ВМРО-ДПМНЕ го оставиле на забот на времето, да пропаѓа и од внатре и од надвор, па дури и предавањето на реконструкцијата на Универзална сала на Министерството за култура им било проблем.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинува дека експремиерот Димитар Ковачевски и министерката за култура Бисера Костадиновска не кажуваат дали фирмата која што е ангажирана за извршување на градежните активности е блиска до врвот на нивната партија.
Партијата бара одговор и за тоа какви материјали се вградувани, дали е градено според стандарди.
Пожарот вчера целосно ја зафати покривната конструкција на салата, а МВР објави дека се приведени тројца градежни работници кои во моментот на опожарувањето изведувале градежни работи.
Засега нема официјални информации што го предизвикало пожарот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа