Утре е Свети Стефан, заштитникот на болните, старите, сиромашните - жените треба да бидат тивки на овој ден
На третиот ден од празникот Божик светата православна црква го празнува споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан. Тој е наречен првомаченик затоа што тој прв настрадал за Христовата вера.
Веднаш по слегувањето на Светиот Дух во Ерусалим била формирана христијанска општина, биле избрани седум ѓакони да се грижат за сиромасите, за болните, старите, вдовиците и да ги делат подароците што христијаните ги давале на црквата. Најстар во тие седум ѓакони бил Стефан поради што бил наречен архиѓакон.
Еднаш мноштво Евреи, фарисеи и садукеи се расправале за Исус Христос. Едни тврделе дека е вистински син Божји, други дека е пророк, трети дека е измамник. Тогаш се замешал Стефан кој инспиративно зборувал за Исус Христос напомнувајќи дека во него не веруваат само лошите луѓе. Посрамотените противници што не можеле на Стефан да му се спротивстават со факти веднаш го наклеветиле пред насобраниот народ дека ги навредувал Мојсиевите закони. Разгневениот народ поверувал на лажните обвиненија и на лажните сведоштва. Го изнесле Стефана надвор од градот и го каменувале. Умирајќи тој се молел на Бога за себе си, но и за тие што го убиле. Во претсмртниот час извикал: „Господе, не земај им го ова за грев.“ Народот што го каменувал Стефана му ја соблекол белата облека и му ја дал на едно момче по име Савле да ја чува. Тоа момче, во тоа време жесток противник и прогонувач на христијаните, подоцна со името Павле, станало најголем приврзаник и афирматор на христијанството. Христијаните го зеле телото на Стефана и достојно го погребале во близината на Ерусалим. Култот на св. Стефан е стар колку и самата Христова црква, зашто тој е почитуван исто колку и апостолите. Уште светиот апостол Павле него го нарекува маченик Христов. Култот особено пораснал по наоѓањето на неговите мошти и нивното пренесување во Цариград. Преданието вели дека пренесувањето на моштите на св. Стефан во Цариград било за време на владеењето на Константин Велики и за време на патријархот Митрофан. Животните што ја влечеле колата во кои биле моштите на св. Стефан на едно место одеднаш застанале и со човечки глас рекле: „Зошто нè тепате? Светецот треба да биде поставен овде!“ Царот веднаш на тоа место подигнал црква посветена на првомаченикот.
И во црковните песни и проповеди св. Стефан се нарекува: прв, врв на мачеништвото, почеток на мачеништвото, прв во маченичката фаланга итн.
Народот го празнува Свети Стефан на 9. I./27 XII, а тоа е третиот ден од празникот Божик. Тогаш се оди на именден кај Стефановци, но сите песни, верувања и обичаи што се изведуваат на овој ден се поврзани со Божик.
Во некои села на овој ден домаќинот со секира оди до овоштарникот да ги исече неродните стебла. Зам,авнува со секирата, а некој кој е со него го одвраќа од сечата,. велејќи му да не сече, затоа што оваа година ќе родат, па става една рака Божиќна слама околу стеблата. На некои места Божиќнатѕа слава се чисти веднаш после полноќ на Свети Стефан, Сламата според народните верувања ја собираат жените кои треба да бидат тивки и да молчат да не се чуе како заминува Божиќ. Метлата со која се чисти сламата не се користи во текот на годината туку се чува поради здравје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа