Утре ќе биде нормализиран сообраќајот во Скопје
Нафтата од државните резерви е на пат кон базните станици на Јавното сообраќајно претпријатие и се очекува утре изутрина да има нормализиран автобускиот превоз во Скопје, најави пред вонредната седница на Советот на Градот Скопје советникот од ВМРО-ДПМНЕ Мартин Стојановски.
– Според нашите информации, моментално се доставува нафтата до базите во Автокоманда и Ѓорче Петров, рече Стојановски. Ако вечерва нафтата стигне, а според нашите информации веќе се доставува, значи од утре треба да има нормален автобуски превоз.
Стојановски оцени дека денеска Владата направила одличен потег со тоа што активирала дел од државните стокови резерви за гориво за потребите на градот Скопје со тоа што се решава проблемот со автобускиот превоз на краток рок односно за седум дена.
- Се што треба градот Скопје да направи во рок од тие седум дена е да направи постапка за јавна набавка за гориво до Бирото за јавни набавки. Секако Бирото тоа би го одобрило доколку е се во ред за да нема проблем како што настана овие неколку денови, рече Стојановски.
Во однос на приватните превозници кои нудат 200 автобуси да се вклучат во сообраќајот доколку се зголеми цената за километар, советникот рече дека таква седница нема на дневен ред денеска и оти нивниот предлог мора да се разгледа за да се видат кои се реперкусиите и каков буџет е потребен. За тоа, додаде тој, сепак треба мнозинство од сите советници.
За тоа дали ќе се надмине кризата со свтобускиот превоз во Скопје, вели дека тоа сепак зависи од менаџирањето на градот Скопје за понатамошните денови откако ќе поминат овие седум дена.
- Се зависи од менаџментот. Ние како Совет сме тука само да изгласаме одлуки. Менаџирањето го носи највеќе директорот на ЈСП и градоначалничката на градот Скопје, г-ѓа Арсовска, рече тој.
Стојановски нагласи дека тие како советничка група ги изгласале сите програми досега за градот Скопје, вклучително и за ЈСП Скопје.
- Доделивме само оваа година 645 милиони денари, тоа мислам околу 10 милиони евра субвенции за ЈСП. И претходните години имаме огромна сума доделено субвенции, што значи дека ние како советничка група секако сме гласале за се’ што е позитивно за ЈСП Скопје, но и за останатите претпријатија, рече тој.
Дали ќе гласаат за набавка на новите еко автобуси, Стојановски нагласува дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ не гласа неколку пати за овој предлог затоа што немаат информација од кого би се набавиле, колку би чинела сумата, колку кој би ги платил тие автобуси.
- На прашањето кој ќе ги плати тие автобуси, кој ќе ги набави во градот Скопје и дали има средства за тоа ни беше одговорено дека има еден денар. Верувајте дека некој кога ќе ви одговори дека ќе има еден денар за автобусите секако не би го изгласале тоа, рече советникот на Град Скопје.
За утрешните најавени протести, смета дека се демократско право.
Советничката од СДСМ во Градот Скопје Љубица Јанчева изјави дека очекува на седницата да биде изграден консензус и да бидат донесени заеднички заклучоци по актуелната состојба во град Скопје.
- Дел од предлозите коишто не се содржани во барањето ние денеска на прес-конференција и ги обзнанивме. Тоа се три предлози. Ќе бараме Советот едногласно да донесе заклучок со којшто бараме од државните резерви за нафта да биде одобрено субвенционирање од Владата на РСМ кои ќе бидат доделени на град Скопје за да се надмине хаотичната состојба во ЈСП Скопје и тоа не е првпат. Ќе бараме да донесеме консензуален заклучок за измени на Законот за финансирање на ЕЛС, единките коишто ги основаа тие. Значи и тоа не е ништо ново, рече Јанчева.
Третиот предлог е пратениците во Собранието на РСМ да иницираат надзорна расправа за состојбите во град Скопје.
- Иако е локална самоуправа Собранието е законодавен дом, постои Закон за град Скопје па оттука и надлежностите на Собранието за се што е во врска со јавниот интерес да се одржува надзорна расправа, рече Јанчева.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа