Величковски: Се врши ограничување на висината на надоместоците меѓу давателите на платежни услуги за плаќањата со платежни картички на ПОС-уредите

„Новиот Закон за платежни услуги и платни системи им овозможува повисока заштита како на граѓаните, така и на фирмите. Тој предвидува јасно информирање на граѓаните пред потпишувањето рамковен договор со давателите на платежни услуги за условите и висината на надоместокот за нивното користење. За првпат се врши и ограничување на висината на надоместоците коишто давателите на платежните услуги меѓусебно си ги наплаќаат за користењето на платежните картички, издадени од еден давател на ПОС-уреди, а поставени кај трговците од друг давател, како трошок што влијае врз конечната цена на услугите за плаќањата. Висината на овие надоместоци постепено ќе се намалува и на почетокот на 2025 година не ќе смее да биде повисока од 0,2% од вредноста на платежната трансакција извршена со дебитна, односно од 0,3% кај кредитна платежна картичка. Со ова ограничувањето ќе се изедначи со она што се применува во ЕУ во моментов. Тоа понатаму би влијаело и врз цената којашто ја плаќаат трговците за користењето на ПОС-уредите.“ Ова го посочи директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски, во гостување за „Блумберг Адрија“. 

Величковски истакнува дека условите под кои им се нудат платежните услуги на корисниците, а особено на граѓаните, треба да бидат разбрани од нив на едноставен начин. „За таа цел, рамковниот договор за платежни услуги којшто го потпишуваат давателот на платежни услуги и граѓанинот, како потрошувач, ќе биде во стандардизирана форма со задолжителен сет информации. Пред потпишувањето, давателот треба да го информира граѓанинот за условите под кои може да ги користи неговите платежни услуги, како и да му даде информација за висината на надоместоците за најчесто користените услуги. По склучувањето на рамковниот договор, давателот е должен, најмалку еднаш годишно, да му достави на потрошувачот извештај за надоместоците коишто му ги наплатил за користењето на платежните услуги“, објаснува директорот понатаму.

Директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка посочува и дека новата регулаторна рамка ги зема предвид и интересите на фирмите, бидејќи се врши и ограничување на висината на надоместоците коишто ги наплатува давателот кој ја издал платежната картичка од давателот кој го поставил ПОС-уредот кај трговецот. Се очекува дека ова ќе ги намали трошоците за давателите кои поставуваат ПОС-уреди кај трговците, што понатаму би довело до намалени надоместоци и за трговците. Намалените надоместоци, пак, би ги поттикнале трговците кон поставување нови ПОС-уреди, што на крајот би придонесло за поголемо користење на платежните средства на платежните сметки на граѓаните, како и за намалување на готовинското плаќање.

07.04.2023 - 11:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега