Велковски: Милионски криминал во МТСП со социјалната помош

 

Повеќе од 2.000 незаконски исплаќања биле направени на сметките на корисници на средства за гарантирана минимална помош, со што е направен милионски криминал во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) преку злоупотреба на системот за социјална заштита и незаконско и противправно исплаќање на овие средства, обзнани денеска министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски.

„За појаснување на ситуацијата за јавноста, се работи за над 2200 корисници кои примале гарантирана минимална помош и социјална пензија и пријавиле дека не поседуваат возило а според евиденцијата на МВР тие се сопственици на такво превозно средство. При вкрстување на базите на податоци месеци наназад кај овие лица во системот стои дека имаат возило, меѓутоа необјасниво е како службите не постапувале по однос на истото со што се продолжила исплатата на парични средства, со што се предизвикала милионска штета на буџетот на министерството. Имаме првични сознанија дека забележана е и ретроактивна исплата на средства за повеќе месеци наназад, што отвори голем сомнеж за извршени злоупотреби во институциите под надлежност на министерството за труд и социјална политика“, рече министерот Велковски.

Манипулацијата е системска, вели тој, а во неа најверојатно биле вклучени повеќе лица, за што е започнат вонреден инспекциски надзор со цел откривање на сторителите позади овој милионски криминал во Министерството за труд и социјална политика.

„Мојата цел како министер за труд и социјална политика е да обзнанам пред целата македонска јавност што се случувало во ресорот кој денес го водам и да не дозволам да се случува вакво изигрување на системот. За да биде појасно, еден од условите за остварување на правата е да се провери материјалната, социјалната и имотната состојба на корисникот, а тоа е да не поседувате возило, како и приходи остварени по други основи. Инспекциските служби од министерството веќе од денес започнаа вонредни инспекциски надзори се со цел да се открие кој навистина стои позади овој криминал од милионски размери“, изјави Велковски.

Како што и претходно објави министерот Велковски, вкупната бројка на детектирани злоупотреби е за 2.252 лица и тоа:

Берово – 15; Битола -166; Валандово – 23; Велес – 98; Виница – 11; Гевгелија – 9; Гостивар – 164; Дебар – 31; Делчево – 3; Демир Хисар – 3; Кавадарци – 23; Кичево – 49 ; Кочани –18; Кратово – 4; Крива Паланка – 9; Крушево – 22; Куманово – 235; Македонски брод – 6; Неготино – 4; Охрид – 40; Прилеп – 229; Пробиштип – 1; Радовиш – 56; Ресен – 1; Свети Николе – 6; Скопје 714; Бутел – 45; Гази Баба – 79; Карпош – 125; Кисела Вода – 155; Центар – 38; Чаир – 151; Шуто Оризари – 121; Струга – 32; Струмица – 70; Тетово – 150; Штип – 59.

 
18.03.2024 - 13:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега