Вевчанци го избркаа злото и ги запалија маските
Со традиционалното василичарско оро насред село и палење на маските во центарот на Вевчани, денеска заврши годинашното издание на Вевчанскиот карневал. Двете василичарски друштва Горна и Долна маала ги посетија сите куќи чиј домаќин го носи името на Свети Василиј. Потоа, според преданијата, симболично го избркаа злото и со желба за здравје и бериќет ја дочекаа Новата година, по Јулијанскиот календар.
Вевчанци и годинава ја покажаа својата смисла за хумор, исмејувајќи ги општествените и политички случувања минатата година, а на удар секогаш се и носителите на јавни и политички функции.
Поранешните министри од ДУИ, Груби, Бесими и Шаќири, како играат фудбал во кабинетот на Груби, како и потрагата по Груби, кој е во бегство, беа најинтересните маски, помеѓу стотината, кои годинава предизвикаа најголемо внимание на Вевчанскиот карневал.
Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на паганството, а другиот на христијанството.
Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години. Задолжителни елементи на карневалот се зетот и невестата кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои олицетворение на злото и двајцата глупави Августи кои ги штитат од злото. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот, Јулијанскиот календар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа