(ВИДЕО) Ангеловска-Бежоска: Се намали инфлацијата во нашата држава, ама мора да сме претпазливи

Инфлациските трендови се позитивни. Инфлацијата во регионот на Централна и Источна Европа, како и во земјава, се намали на едноцифрени стапки, како резултат на водењето затегната монетарна политика од страна на централните банки и стабилизирање на светските цени на примарните производи. Исто така, инфлациските очекувања и натаму се релативно закотвени, како значаен фактор којшто влијае врз динамиката на инфлацијата. И покрај позитивните движења, централните банки треба будно да ги следат движењата, бидејќи сѐ уште има неизвесност и ризици, порачува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во видеоинтервју за „Еуромани“.

„Во регионот на Централна и Источна Европа инфлацијата се сведе од 16% на 5%. Слична е ситуацијата и кај нас, каде што стапката на инфлација се намали на 3%, од највисокото ниво коешто достигна околу 20 отсто“, посочува гувернерката Ангеловска-Бежоска. Таа истакнува дека последниот инфлациски шок не е од стандардна монетарна природа и дека многу фактори влијаеа, вклучително и нарушувањата во производството, трговијата, транспортот и цените на енергентите, коишто придонесоа за растот на инфлацијата. Сега се забележува стабилизација на овие фактори, што има позитивни ефекти врз инфлацијата.

Ангеловска-Бежоска посочува и дека и покрај затегнувањето на монетарната политика од страна на централните банки, финансискиот сектор е стабилен, што се должи на мерките преземени од страна на централните банки по Големата финансиска криза и стабилните биланси на банките со коишто влегоа во кризниот период. „Банките влегоа во оваа криза со релативно солидна позиција, со силни капитални и ликвидносни заштитни слоеви, коишто главно беа изградени пред пандемијата и оттогаш се одржуваат“, вели Ангеловска-Бежоска во интервјуто за „Еуромани“.

23.02.2024 - 10:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега