(ВИДЕО) Голем пожар дивееше на мостот што ги поврзува Железничка станица и „Ист Гејт“ - сообраќајот блокиран

 

Голем пожар дивееше синоќа точно на полноќ на мостот „Беласица“ за моторни возила над реката Вардар којшто води од Железничката станица Скопје до трговскиот центар Ист Гејт Мол. Од Центарот за управување со кризи за Прес24 ја потврдија информацијата, при што информираа дека пожарот бил пријавен преку единствениот број за итни повици 112, на полноќ. Овој мост е во близина на бензиската пумпа „Макпетрол“ кај трговскиот центар.

„Веднаш по добиената информација од страна на Секторот за операции и координација (СОК) и Регионалниот РЦУК Скопје на ЦУК биле известени сите можни институции и фирми, коишто имаат или, пак, е можно да имаат инсталации под мостот и е извршена координација со Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје, којашто била на терен со 8 противпожарни (пп) возила и 21 пожарникар“, изјавија од ЦУК за „Прес24“. 

Времетраење на акција на пожарникарите 

11.57 - пријава за избувнување на пожарот кај мостот „Беласица“

Пожарникарите имале полни раце работа во текот на целата вечер. По кулминацијата на пожарот, во 01.45 часот надлежните власти известија дека истиот бил локализиран, но дел од екипите останале на терен за да догасува се уште опожарени делови. Во 01.50 часот ЈП „Железници“ повторно го вклучил електричниот напон.

02.28 часот - интервенција на ЕСМ

Во 2.28ч Секторот за операции и координација на ЦУК извести дека воспоставиле контакт со ЕСМ за интервенција на постоечките топлински цевки што биле пукнати од пожарот. 

04.00 часот

Во 04.00 часот, надлежните служби информираат дека пожарот на мостот „Беласица“ бил целосно изгаснат.

Улогата на Министерство за внатрешни работи во пожарот

Надлежните служби на Министерството за внатрешни работи исто така се вклучиле во овој настан во текот на ноќта. Полициските службеници целосно го блокирале сообраќајот на мостот, бензинска пумпа Макпетрол.

За пожарот биле известени АД „Гама“ Скопје кои биле на лице место, по што утврдиле дека немаат гасоводена мрежа што поминува на овој потег, Македонски железници коишто во одреден временски период на трање на пожарот го исклучиле напојувањето со електрична енергија, ЕВН Македонија, АД ЕСМ „Балкан Енерџи Груп“, бидејќи имало оштетено дел од цевките за парно греење и истите пратија екипа за санација на цевките.

„Во текот на трање на настанот дежурните од Секторот за операции и координација на ЦУК беше во постојана комуникација и координација со институцииите на терен и редовно одговараше на сите потреби на БППЗ на Град Скопје се со цел полесно да се локализира пожарот и да не дојде до несакани последици, како на пожарникарите кои дирекно учествуваа во гаснењето на пожарот, така и на населението коешто се наоѓа во непосредна близина на пожарот“, изјавија надлежните служби на ЦУК.

Причината за пожарот и материјалната штета дополнително ќе бидат утврдени. 

Сумирано, пожарот е локализиран, а во моментов мостот е целосно затворен за сообраќај од безбедносни причини. Полицијата ги пренасочува возилата. Официјален став од Министерството за внатрешни работи се очекува во текот на денот. 

12.05.2023 - 08:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега