(ВИДЕО) Ќе добие ли ФИНКИ нов дом?

Следната недела ќе се одлучува за тоа каде ќе учат студентите на ФИНКИ. Преговори ќе водат претставници од Службата за општи и заеднички работи, со раководството на Факултетот. Од исходот на средбата ќе зависи, дали ќе продолжат нивните протести пред Влада. Според информации на Сител, првата средба е планирано да се одржи во среда. 

Ако си студент на ФИНКИ, сигурно имаш добра кондиција. Факултетот нема сопствена зграда, па затоа околу 5.000 студенти си имаат воспоставено секојднeвна пракса на шетање, од нивните бараки до Машински, па до Технолошки факултет.  Некогаш стопираат и на Педагошкиот факултет за да слушаат предавања, ама и да си заработат некој бод за активност и присуство, оти за некои предмети, бодовите се клучни за да се добие оцена шест. 

Сагата со немањето на сопствена зграда на овие студенти трае со години, но ситуацијата вчера кулминираше. Се одржа протест оти немаат основни услови за учење. Традиционално во државата, надлежните се огласуваат, откако гласот на настраданите ќе се крене. 

Финки требаше да добие свој „дом“ во склоп на кампусот на УКИМ, кој почна да се гради во 2015-тата. Откако градежната компанија „Бетон“ од Штип стапи во стечај во 2019-тата, кај градбите во изградба не е мрднато со прст. Владата очигледно немала намера да продолжи со нивна доградба, а пари за оваа намена нема ни во буџетот за оваа година.

22.03.2024 - 17:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега