(ВИДЕО) Претседателот на Судскиот совет се пожали: „Не заслужувам ваков пристап како човек“

 

Откога вчера ги отстрани камерите на медиумите, новиот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев, денеска се жали што бил критикуван за потегот што носи нетранспарентност. Тој на почетокот од седницата се покажи дека критиките доаѓаат во време кога тој сè уште не влегол во претседателскиот кабинет, па побара шанса за да се докаже. И натаму не е подготвен да ги пушти сите камери на медиумите да ги следат седниците. Решението го гледа во плаќање на државната медиумска агенција за да ги пренесуваат седниците.

Кога сме за критика, ќе се критикуваме, кога имаме резултати, мора да споделиме со јавноста. Јас сум само три дена претседател на Судскиот совет, сè уште не сум влегол во кабинетот, тоа го знаат моите колеги. Не заслужувам таков пристап како човек, како судија, како претседател на Судскиот совет. Ќе имаме изјави, редовни брифинзи, транспарентност. Дајте шанса, ние подаваме рака да работиме заедно“, рече Георгиев.

Ги прочитал критиките, а ги добил и поплаките од Здружението на новинарите на Македонија.

„Судскиот совет со мене како претседател ќе докаже дека ќе ги зголемува транспарентноста и отчетноста во работењето на Советот. Тоа ќе го покаже времето, почитувани медиуми. Во текот на вчерашниот ден со реакција за транспарентноста се јави ЗНМ дека неоправдано биле отстранети камерите и дека Советот се затвора за јавноста. Но, мора да потенцирам дека јавноста беше присутна преку новинарите, невладините организации, но поради големиот број на присуство на камери, кои беа 10-ина, стручните служби со тешкотии си ја вршеа работата“, се правда Георгиев.

Ветува транспарентност по критиките дека Советот се затвора за јавноста.

„Само ќе потенцирам дека овој состав на Судскиот совет, а јас како претседател на составот, ви гарантирам дека ќе биде исклучително транспарентен, ќе бидеме со вас заедно за да се бориме за вистината, за постигнатите резултати. Само сите заедно со исклучително транспарентна и отчетна работа ќе постигнеме добри резултати“, додаде Георгиев.

Вчера, на иницијатива на Георгиев новинарите останаа без снимки оти тој реши да ги исклучи снимателите со оправдување дека им треба концентрација.

10.05.2023 - 17:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега