Владата одбила да го плати гасот за греење на Скопје - неизвесно да ќе има парно во главниот град оваа зима

 

Останува опасноста скопјани да останат со ладни радијатори на почетокот на зимата бидејќи Владата се уште нема нарачано гас за греење на главниот град. Како што јавува Фактор повикувајќи се на свои информации, Владата одбила да набави и да го плати гасот од компанијата Макпетрол за месец октомври.

„Сознанијата до кои дојде Фактор говорат дека ЕСМ, кое всушност го презеде управувањето со БЕГ за снабдување на топлинска енергија, не ги нарачало потребните количини на гас од компанијата „Макпетрол“ за следниот месец, односно за октомври оваа година.

Откако „Макпетрол“ пред извесен период испрати допис до ЕСМ, во кој ги известува дека компанијата врз основа на годишнот договор со „Гаспром“ може да ги обезбеди потребните количини и за сите свои клиенти, како и за топлните Исток и Запад, со тоа што количините за наредниот месец треба да се платат до 20 претходниот месец, од ЕСМ му одговориле на „Макпетрол“ дека нив нема да им бидат потребни споменатите количини. Практично, тој одговор значел и дека Владата нема да ги плати потребните средства, што требаше да се случи до 20 овој месец, за да се набават потребните количини на енергенсот за следниот месец, односно октомври.“ – пишува Фактор.

Владата не крие дека очекува БЕГ да продолжи со греење на Скопје се додека таа не најде начин да го преземе управувањето со компанијата, односно да обезбеди пари за гас и греење.
БЕГ пак вчера потенцираше дека нема ниту законска основа ниту пак пари за да го грее главниот град имајќи предвид дека веќе немаат лиценца ниту пак топлани кои се во сопственост на компанијата Адора.
Оваа компанија пак веќе неколку недели буквално ја моли Владата да и ги купи топланите и тоа по истата цена по која оваа компанија ги откупи лани.
Владата се надева дека ќе успее да изврши притисок врз Адора наместо продажба да склучат договор за изнајмување, нешто со што Адора во неколку наврати потенцираше дека не се согласува.
Согласно законот, Парното во Скопје треба да почне да функционира во од 1 октомври доколку температурите бидат ниски, а од 15 октомври мора да се обезбеди непречено греење.
Како што во моментов изгледаат работите, големи се шансите греењето оваа зима да почне подоцна ако воопшто и почне.

 

 

27.09.2022 - 10:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега