Владата одобри: Се задолжуваме половина милијарда во Унгарија

 


Законот којшто се однесува на кредитот што земјава треба да го земе од Унгарија денеска помина на владина седница и според најавите на премиерот Христијан Мицкоски многу скоро ќе се најде пред пратениците.

Откако ќе помине во Собранието, министерката за финансии ќе отпатува во Унгарија каде ќе го потпише договорот.

– Условите се оние што ги зборуваме – 3,25 проценти каматна стапка, три години грејс период, на 24 полугодишни рати кои ќе се плаќаат секој февруари и секој август. Моментално тоа се услови што не можеме ни приближно да ги обезбедиме на било кој друг пазар, рече Мицкоски по денешната прес-конференција во Владата.

Кредитот, како што посочи, има развојна компонента затоа што дел ќе оди за развој на стопанството и на општините.

Кредитот од Унгарија во висина од половина милијарда евра беше договорен за време на посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Вашингтон каде се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

03.09.2024 - 14:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега