Влегол во чамец со жените: Од сите луѓе кои го преживеале Титаник, изговорот на овој човек бил најсмешен и најбеден
Од мажите на Титаник се очекувало да останат на бродот.
Кога легендарниот брод Титаник почнал да тоне кобната ноќ на 14-ти април 1912-та година, неговиот екипаж се обидел да спаси што поголем број на жени и деца. Од мажите се очекувало да останат на бродот, а 1.352 од нив ја послушале таа наредба, засекогаш исчезнувајќи во студените води на Атлантскиот океан, за да им овозможат на своите сопруги и деца да преживеат. Дикенсон Бишоп не бил еден од тие луѓе.
Дикенсон Бишоп бил богат американски бизнисмен и патник во прва класа на Титаник. Патувањето со брод од Британија до Њујорк било крај на неговиот 4-месечен меден месец со втората сопруга Хелен, со која се оженил откако неговата прва жена и богата наследничка Мери починала при породувањето.
Брачниот пар бил во својата соба од прва класа кога почувствувал удар. Поради положбата на кабината биле едни од првите кои излегле на палубата кога почнала евакуацијата, пишува порталот "Listerverse".
Хелен и Дикенсон Бишоп биле сместени во чамец за спасување број 7, првиот кој бил спуштен во ледените води на Атлантикот. Неколку часа подоцна и откако повеќе од 1.500 луѓе заедно со Титаник засекогаш исчезнале во длабочините на океанот, чамецот бил собран од бродот Карпати, кој Бишоп и останатите преживеани ги одвел до Њујорк.
Во интервјуто за еден весник направен веднаш по пристигнувањето во Њујорк, Хелен Бишоп изјавила дека на палубата слушнала дека некој кажал дека новопечените младенци имаат предност при качувањето и дека нејзиниот сопруг и таа поради тоа толку брзо се нашле во чамецот во кој веќе се наоѓале три млади брачни парови. Сепак, при официјалното сослушување, оваа приказна повеќе не ја споменала.
Од друга страна, нејзиниот сопруг имал неверојатен изговор. Запрашан како бил спасен пред толку жени и деца кои останале на бродот, Дикенсон Бишоп смислил "совршено" оправдување - изјавил дека случајно се сопнал, паднал и слетал директно во чамецот за спасување.
До приказната се држел дури и кога при официјалното сослушување за истрагата речиси самиот се издал. Имено, на прашањето: "Кој ви кажа да влезете во чамецот за спасување", Бишоп одговорил: "Еден од офицерите, ми помогна да се качам".
Тогаш, веројатно сфаќајќи што кажал, се обидел да се извади: "Всушност...Паднав во чамецот".
Дикенсон исто така тврдел дека во ниеден момент не слушнал дека жените и децата треба да имаат предност, а тоа го поткрепил со факт дека во чамец покрај неговиот имало уште 12 мажи.
Таблоидите со месеци по несреќата пишувале за тоа како парот Бишоп успеал да го преживее Титаник. Се појавиле дури и гласини дека Дикинсон влегол во чамецот преправен во жена, иако за ова никогаш немало докази.
ОД друга страна, Бишоп ни тогаш немале многу среќа. Истата година, во декември, Хелен родила момче, но тоа починало два дена подоцна. Во ноември 1914-та доживеале сообраќајна несреќа. Дикенсон бил само полесно повреден, но Хелен имала сериозна повреда на главата па лекарите биле принудени да и вградат метална плочка за да и го залечат черепот.
По сите овие несреќи и трачеви кои не престанувале, Дикенсон и Хелен се развеле на почетокот на 1916-та година. Хелен го обвинила сопругот за насилство и алкохолизам и добила алиментација од 100.000 долари.
Не стигнала да ужива во парите. Починала само два месеци подоцна откако непријатно паднала.
Што се однесува до Дикенсон, тој по неполни два месеци развод и само два дена пред смртта на Хелен се оженил по трет пат, овој пат со богатата наследничка Сиднеј Бојс. Со неа бил во брак со до нејзината смрт во 1950-та година.
После тоа, живеел повлечено во Илиноис. Починал од срцев удар во 1961-ва година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа