ВМРО-ДПМНЕ: Власта да се извини за скандалот случен на партиската прослава на ДУИ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара од Владата на СДСМ и ДУИ, да се извини за исвиркувањето на прославата за Рамковниот договор, што настана во моментот кога водителката прозборе на македонски јазик.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека илјадници евра биле потрошени за партиската прослава на ДУИ, на која се исвиркуваше македонскиот јазик, а и по два дена нема никаква реакција од страна на власта.

„Ковачевски, Груби и останатите функционери од оваа неспособна власт треба веднаш да се оградат, осудат и извинат на македонските граѓани за скандалот со омаловажувањето на македонскиот јазик за време на таканаречената прослава. За оваа прослава се потрошија над 100 илјади евра за пејачи и гоштевање на функционерите на ДУИ во време на економска и енергетска криза. Додека во Тетово нема вода за пиење, додека десетици села во полошкиот крај газат во кал, додека во Арачиново абер нема од ветената канализација, криминалците од ДУИ и СДСМ трошат пари на граѓаните за партиски забави“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата го повтори ставот дека се потребни брзи парламентарни избори за да се стави крај на неодговорното владеење.

15.08.2022 - 09:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа