Во дискотека тепале полициски началник - притвор за две лица
Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против две лица за кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Двајцата соизвршители осомничени за ова кривично дело, на 15 февруари во раните утрински часови, во дискотека во Кавадарци нападнале службено лице – полициски началник кој во моментот бил на должност и постапувал за откривање на сторители на недозволена трговија со дрога.
Кога во дискотеката го забележале началникот на кого и претходно му упатувале заканувачки пораки преку други лица, осомничените на возраст од 31 и 33 години започнале да го туркаат и да го удираат со боксови по главата и телото, при што му ја скинале облеката и му нанеле повеќе повреди – набиеници и расекотини.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци достави предлог за определување мерка притвор за осомничените. Предлогот е прифатен и судот им определи притвор во траење од осум дена.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа