Во Косово уапсени шест лица за фалсификување пари, тројца се од Македонија

 

Специјалното обвинителство на Косово, косовската полиција, Дирекцијата за истрага на економски криминал и корупција, спроведоа акција при која беше идентификувана група која се занимавала со производство и дистрибуција, како и внесување фалсификувани пари на маркетот, за кој постои сомневање дека се произведувал во соседна земја со Косово, а потоа криминалните групи го дистрибуирале во земјите од регионот, извести Косово онлајн.

Во објава на фејсбук Специјалното обвинителство наведува дека во акцијата се уапсени шестмина осомничени за кривично дело „Фалсификување пари (производство и промет)“. Како што се додава, станува збор за монети од две евра.

Исто така, тројца осомничени се државјани на Северна Македонија, додека тројца се државјани на Косово.

Како резултат на оваа акција, запленети се кеси со метални монети од две евра во вредност од 85.010,00 евра, за кои постои сомнение дека се фалсификувани. Исто така, одземени се четири автомобили што ги користеле уапсените и седум мобилни телефони.

На уапсените со решение на државниот обвинител им е одредена мерка притвор во траење од 48 часа, а во законските рокови ќе биде поднесено барање за определување мерка притвор.

29.11.2023 - 12:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа