Во Сингапур три четвртини од заразените во последниот месец биле вакцинирани

Три четвртини од инфекциите со коронавирус во Сингапур во последните четири недели се појавиле кај вакцинирани лица, а меѓу нив нема сериозни случаи на Ковид-19, покажуваат владините податоци, додека кампањата за забрзана вакцинација продолжува.

Во Сингапур со 5,7 милиони луѓе, вакцинирани се речиси 75 проценти од населението. Според „Ројтерс“, се работи за втората земја по нивото на вакцинираност, веднаш зад Обединетите Арапски Емирати. Половина од населението во Сингапур е целосно вакцинирано.

Во последните 28 дена земјата забележа 1.096 локални преноси на коронавирус. Од нив, 484 или 44 проценти се случиле кај целосно вакцинирани лица, 30 % од заразените биле делумно вакцинирани, а 25 % од новите случаи не биле вакцинирани.

Имало само седум случаи со потешка форма на болест што барала третман со кислород; шест од нив не примиле вакцина, а едно лице било делумно вакцинирано, соопшти тамошното Министерство за здравство.

„Постојат докази дека вакцината придонесува за спречување тешки форми на болеста“, нагласија од Министерството додавајќи дека оние што биле целосно вакцинирани и се заразиле или имале лесни симптоми или воопшто немаат.

Макфакс

23.07.2021 - 12:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега