Возачот кој го однел Палевски во Турција: Се онесвестив во хотелот кога видов што кажува министерот Спасовски

 


На расправата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во Основен кривичен суд Скопје денеска сведочеше Стефан Димковски, лицето кое го превезе обвинетиот Љупчо Палевски од Белград до Турција.

Димковски посочи дека останале во хотел во Ниш и кога седеле на тераса, како што рече му соопштил дека му е резервирано во понеделник во Турција да го примат за операција за кичмата. 

-И ми вика изгледа ќе треба да ме враќаш назад за Белград, затоа што од таму имало лет во сабота, вика после состанокот, да ме вратиш назад. По 15 минути ми вика, а што да дремеме овдека, зошто од тука, ако не си изморен, или ќе се менуваме, за 5-6 саати џитни ме во Турција. Ајде вика, жити Бога немој по аеродроми да одам со торби, Истанбул е голем град, ќе ме однесеш до еден Турчин, знае македонски, ќе ме оправа по клиники, рече сведокот, дополнувајќи дека поефтина варијанта му било да го однесе до Турција.

Прашан дали на граничните премини спрема Бугарија и Турција имале проблем, одговори не.Кога стигнале во Турција, според сведочењето, се сместиле кај турчин со име Усеин, кој го нашол Палевски.  

-Вртеше по пријатели да најде бесплатно сместување по хотели, не му успеваше, како што го разбрав отпосле преку лицето Велибор се сместивме во една куќа, плати, рече сведокот.

Прашан дали додека се возеле до Турција, забележале нешто невообичаено кај обвинетиот Палевски, во смисла на неговото однесување, сведокот одговори не.

-На повеќе наврати ми го побара телефонот, се јави, еднаш немаше батерија, потоа во Пловдив се загубивме, испаднавме на лош пат, застанавме и кога добив интернет побара да се јави на Влатко Кешишов. Отидов до тоалет, не знаев што разговарале, рече тој.

Прашан зошто Палевски одлучил да се смести во куќа, а не во хотел, одговори дека му испаѓало дека треба да плати 800 евра.

-Поефтино му беше да земе стара куќа под наем за 150 евра. Куќата беше изнајмена за три месеци. Операцијата му беше закажана во Истанбул за понеделник, затоа сакаше поефтин смештај, беше кус со пари, рече сведокот.

Во продолжението од сведочењето рече дека на 3.12.2023 после доручекот си заминал.

-На доручекот ме информираше, го видов блед, абе, вели, „го знаеш ли девојчето што е исчезнато, тоа у Скопје што одело на училиште. Епа ми го лепат мене“. Вели, „вчера влегле у штаб, имало претрес, пет души биле уапсени, што имам јас со тоа девојче“, раскажа сведокот.

Дополни дека на негово прашање каква врска има партијата со девојчето, одговори дека комбето го нашле во партијата.

Сведокот посочи дека биле сместени во Баликесир, и откако си заминал Љупчо останал во градот. 

-Откако го оставив се шетав, сѐ по пат како што одеше се шетав и вечерта кога се стемни се сместив во еден хотел. Кога се вратив вечерта во хотелот, мои пријатели почнаа да ми праќаат линкови, „што е ова, да не го местат“. Кога го видов министерот Оливер Спасовски што кажува, се онесвестив во хотелот. Се слушнав со Палевски го прашав што е ова што те потенцираат тебе. Тогаш ми кажа ова е тешка местенка и од тогаш се изгуби комуникацијата, рече сведокот.

20.11.2024 - 14:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега