Вуков од Силверстоун: Се надевам дека малерот остана во Австрија

Македонскиот возач Ристо Вуков продолжува меѓу светската елита во Порше Суперкуп кој се вози пред трките на Формула 1.

На претходниот викенд во Австрија, патека каде што Вуков тренираше во претсезоната, тој успеа да се најде на 16 место на стартот и да биде во добра позиција за освојување нови бодови.

Сепак, ривалот Дирк Шоутен направи погрешна проценка и во вториот свиок по стартот со неприлагодена брзина влезе во свиокот, по што го удри Вуков и предизвика негово извртување и пад на последната позиција.

- Ривалите се одвојија, имаше голема разлика меѓу нас. Некогаш се случува да се има возило за безбедност, па човек ќе успее да фати чекор со групата, но овој пат тоа не се случи. Навистина жалам бидејќи ми пропадна одлична шанса за освојување поени. Автомобилот беше во одлична форма и немам зборови за професионалноста на мојот тим „Омбра рејсинг“ кој застанува зад мене во тешките моменти,- рече Вуков.

По Имола, Монако и Ред Бул Ринг, овој викенд на програмата е трката на англискиот Силверстоун.

- Се надевам дека малерите и проблемите не добија виза и останаа во Австрија. Силверстоун е сосема поинаква патека каде што има свиоци низ кои возилото струи без да се допираат сопирачките. Патеката ми се допаѓа и верувам дека инженерите повторно ќе го тјунираат возилото на најоптимален начин. Најавени се променливи временски услови, но ќе видиме колку тоа ќе се погоди во термините од Порше Суперкуп. Со нетрпение очекувам да имам „нормален“ викенд во кој конечно потенцијалот што го имаме, ќе биде соодветно награден со бодови!

Трката се вози во недела на пладне, три часа пред онаа од Формула 1.

04.07.2024 - 10:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега