За секој несакан настан ќе сносат одговорност - сопствениците на јавни објекти се должни веднаш да започнат со чистење на снегот пред објектот
„Согласно законот должност на правни и физички лица е да ги расчистат приодите кон нивните објекти, а за секој несакан настан тие ќе сносат одговорност“, соопштуваат од општинските испекциски служби.
Ова активност се спроведува во согласност со член 22 на Законот за јавна чистота каде стои дека „во зимски услови при снежни врнежи сите сопственици, односно корисници на јавни објекти се должни веднаш да започнат со чистење на снегот на отворените простори пред јавните објекти, со што ќе се обезбеди непречен пристап до објектите“.
Постарите сограѓани често знаат да кажат дека модерното време донело многу негативни појави и однесувања, несвојствени за лица кои живеат во урбани средини. Се потсетуваат дека во нивно време се знаел „редот“, а денеска не може ниту да стане збор за општествена одговорност и однесување.
„Цел ден ќе седат во дуќанот со скрстени раце, не умеат да го зачистат приодот. А токму продавачите најчесто го користат, да излезат да купат нешто за јадење, да фрлат ѓубре и најголема е веројатноста дека токму тие можат да се подлизнат и паднат. Порано се знаеше, секој ќе си исчистеше пред своја порта или влез во дуќан, со тоа се покажуваше домашно воспитување и градско размислување дека сите сме одговорни за нашето опкружување“, констатира 75-годишната пензионерка Н.П.
Опоментите кои се испорачуваат значат дека во текот на денот треба да бидат исчистени приодите кон продавниците, зградите и куќите најдоцна 6 часа по завршување на врнежите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа