Заев: Мицотакис разви неколку идеи за тргање на бугарската блокада и помош на нашиот пат кон ЕУ

 Грција е еден од најпосветените наши пријатели за нашата ЕУ перспектива, истакнува претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев во интервју за МИА и открива дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис развил неколку позитивни идеи, кои би можеле да помогнат за тргање на бугарската блокада.

Вчера, говорејќи на Делфи економски форум, Заев изрази оптимизам дека ќе најдеме решение со Бугарија, но додаде дека ни треба помош од Грција, а четири часа подоцна, на средбата со неговиот грчки колега, веќе добил конкретни идеи од Мицотакис.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, премиерот вели дека грчката страна покажала дополнителна креативност, „на многу пријателски начин, на многу прагматичен начин“, а за блокадата од Софија коментира дека тоа е проблем и предизвик, не само за нас, туку и за Европската Унија и за Бугарија и за Грција како земји членки.

Премиерот денеска ја завршува посетата на Атина, а освен за продлабочување на политичките односи, оствари низа средби и за продлабочување на економските врски и економската соработка.

Toj потврди дека од денеска ќе патуваме во Грција, со оглед на тоа дека рампите на граничните премини, за македонските државјани, се кренаа по 14 месеци.

-Навистина, од денеска, отворањето на границите веројатно за нашиот народ значи симбол на ова затворање, ова ограничување, затоа што често сме поврзани со грчкото море, но и како дестинација и бизнис многу често  за многу луѓе, така да верувам дека е позитивна вест.

Веста ни беше директно соопштена на состанокот со премиерот Мицотакис и тоа покажува прво дека се олабавуваат работите  и верувам уште повеќе понатаму ќе се олабавуваат. Може да се патува со ПЦР тест, кој што е непостар од 72 часа, може да се патува со две вакцини и 14 дена по вакцината или со соодветна потврда за поседување антитела, дека имате прележано или слично од соодветна институција, која е регистрирана во Република Северна Македонија.

Ова е добра вест за македонскиот народ, за сите граѓани што живеат во Република Северна Македонија.  Како што реков, прво е порака на олабавување, но секако јас би сакал да ја испратам секогаш пораката да внимаваме сѐ уште на мерките, затоа што мал е процентот на вакцинирање кај нас. Бројките покажуваат дека веќе одиме кон 200.000. Сето тоа покажува дека она што треба да го постигнеме 1.200.000-1.300.000-1.400.000 колку и да се по проценките на здравствените комисии, сме далеку од тоа. Значи треба да внимаваме. Колку повеќе внимаваме, толку повеќе ќе нема рестрикции, ниту дома, ниту од дома кон надвор, кои што се случуваат.

Верувам дека сето тоа ќе придонесе за поголема мобилност на луѓето, отворање на нови економски перспектив, пред сѐ за сите, но секако и унапредување на соработката помеѓу институциите и државите, кажа Заев.

Заев посочи дека Мицотакис развил неколку идеи за тргање на бугарската блокада и помош на нашиот пат кон ЕУ

-Јас верувам во тој оптимизам што го кажав од многу прагматични причини. Значи ова покрај тоа што е проблем и предизвик на Северна Македонија, е проблем и на Европската Унија или предизвик за Европската Унија, вклучувајќи ја Грција и Бугарија. Така да треба  да ја мислат и тие заедно, а Грција исто така затоа што го тангира и Преспанскиот договор и треба да биде дополнително заинтересирана и на крајот е голем поддржувач на интеграциите на Северна Македонија и на Албанија затоа што сѐ почна од 2003 година од Солунскиот самит, кога се сврте фокусот на евроинтеграциите на Западен Балкан во Европската Унија.

Јас верувам дека прво ќе се најде некое решение со Бугарија, затоа што проблемот не е од таква природа каде што би можел да биде пречка, имајќи предвид дека допрва се отвораат 35 поглавја и на отворање и на затварање се носат одлуки од сите земји- членки, така да верувам дека намалените тензии и кај нас и во Бугарија ќе помогнат во целиот тој дел. Но, ни треба помош и од сите други пријатели, а премиерот Мицотакис разви неколку идеи и многу сум благодарен заради креативноста која што ја понуди. Нормално не можам да ги коментирам, затоа што сепак тие тоа треба да го направат, но за нас се исклучиво позитивни. Мене ми е многу драго што шефот на Владата на Грција не само што помага, не само што учествува, тој директно на Европскиот совет и министерот Дендиас на Советот на министри и таму се гласни и зборат и работат за помошта на интеграциите на Северна Македонија и на Албанија, секако и на двете земји, а сега покажаа и дополнителна креативност, што сум позитивно изненаден на многу пријателски начин, на многу прагматичен начин.

Верувам дека може да биде само од помош и да биде решение на проблемот. Така да убаво е чувството, навистина кога имате пријатели. Ние сме мала земја, стварно сме пријатели со сите, но кога ќе ви возвратат со пријателство е убаво чувството. Ред е тоа да го споделам со нашиот народ. Верувам во успеси, верувам низ дијалог и договор дека се постигнуваат решенијата и навистина Грција, можам да потврдам дека е еден од најпосветениот наш пријател за нашите евро- атлантски интеграции.

Така и премиерот на Грција, вчера на средбата го соопшти, а гледам и денеска низ сите коментари е дека Грција останува наш посветен пријател и партнер во нашите евро- атлантски интеграции. Потврдувам и дека тоа го потврдуваат и на практично ниво, вака разговарајќи, мислеле луѓето, нашле начини, тие сепак се внатре во Европската Унија и ги знаат деталите, така да сум многу среќен и задоволен што развиваат вакви идеи. И да не успеат сум среќен,  ако успеат сигурно ќе бидам многу среќен, кажа премиерот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.05.2021 - 10:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега