Законот за градење пред пратениците

 

Собраниската Законодавно-правна комисија денеска на седница треба да расправа за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за градење, во прво читање. 

Целта на Предлог законот е да се регулира статусот на оние градби кои се во определена фаза на изградба, да можат да продолжат во понатамошна фаза согласно одредбите од Законот за градење со доставување на дополнителни докази без дополнителни финансиски оптоварувања по државниот буџет.

Како што е наведено во Предлог законот, се појавува застој во реализацијата на тековни проекти на Јавното претпријатие за државни патишта, Дирекцијата за технoлошки индустриски развојни зони, објекти од значење за земјоделството и економскиот развој, како на пример брани, како и објекти од областа на образованието, а пред се објекти за сместување на факултетите.

- Се работи за голем број на инфраструктурни објекти, како и други објекти од јавен интерес кои од административна причина поврзана со недоволна екипираност на одредени институции односно неажурност на истите како и поради недоволна јаснотија на одредбите, се затекнати во опредлена фаза и не се во можност да продолжат да се реализираат, стои во образложението.  

Предложените измени и дополнувања претходно добија зелено светло од матичната Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање. 

07.03.2025 - 08:06

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега