Здравковски: Учениците продолжуваат со наставата во ООУ Тодор Јанев во Чашка, тензиите стивнуваат
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски преку Фејсбук објави дека проблемот со ООУ Тодор Јанев во Чашка е решен и официјално. Блокадите запираат, учениците продолжуваат со наставата, тензиите стивнуваат…
Посочува дека после три месеци борба за правда, таа е издејствувана.
Вели дека статутот на училиштето нема да биде променет и им се заблагодари на родителите кои застанале на страната на вистината и на страната на заштита на интересот на образовниот процес.
-Ингеренциите ќе бидат вратени на општината и ќе биде назначен нов директор на училиштето. Учениците Албанци ќе продолжат со настава на албански јазик до завршувањето на учебната година во просториите на Тодор Јанев, но административно ќе бидат под Лирија затоа што таму согласно статутот се учи на албански наставен јазик. Она што го бараме долги години, а последно ми беше одбиено во расправата за буџетот за 2024, во с.Бањица ќе се изгради ново училиште и тоа е превземена обврска од МОН, за од септември да се одвива таму наставата наместо во Чашка со што учениците нема да губат време во патување, вели Здравковски.
Ќе биде формирано и ново училиште каде учениците Албанци ќе можат да го продолжат школувањето на мајчин јазик.
-Се формира нов правен субјект, ново училиште и веднаш кога ќе се исполнат условите овие ученици ќе продолжат со настава под новото училиште наместо под Лирија. За крај уште еднаш, капа долу до сите родители кои беа крајно трпеливи и решителни. Покажавме дека некогаш блокадите се единствен начин да се крене гласот и да се најде решение на проблемот, пишува Здравковски.
Инаку, учениците во Чашка од 23 ноември минатата година не одат на настава во знак на протест.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа